12 јули 2026
• од Темелко Тошев
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, денеска побара новиот предлог-министер за земјоделство да одговори дали поседува бугарски пасош и двојно државјанство. Тој оцени дека обичните кадровски смени во министерството нема да ги решат реалните проблеми со кои се соочува земјоделскиот сектор.
При денешната средба со земјоделците во Општина Чешиново-Облешево, Филипче потсети дека Владата до неодамна цврсто застанувала зад досегашниот министер за земјоделство, за по само неколку недели да излезе со ново кадровско решение. Тој отворено праша дали токму предложениот министер е вистинската причина поради која не помина предлогот највисоките владини функционери да немаат двојни државјанства.
„До пред неколку месеци жестоко го бранеа министерот за земјоделство, за кого поднесовме интерпелација која не помина во Собранието, за после само неколку недели да предложат друг министер за земјоделство, со спорна биографија. Има едно многу интересно прашање – дали поради овој министер кој сега е предложен не помина предлогот највисоките функционери во Владата да немаат двојни државјанства? Овој предложен човек за министер треба да каже дали има резервна татковина, односно дали има бугарски пасош. Очигледно е дека во овој сектор, за жал, луѓето нема да видат ништо добро“, изјави Филипче од Чешиново-Облешево.
Оризот скапува по амбарите, власта е незаинтересирана
Според лидерот на СДСМ, проблемите на земјоделците ќе продолжат да се продлабочуваат и покрај смените на раководните позиции. Како клучни предизвици ги посочи откупот на земјоделските производи, ниските откупни цени и неизвесноста околу исплатата на субвенциите.
На средбата со оризопроизводителите, тој алармираше дека тие се соочуваат со сериозни егзистенцијални потешкотии, бидејќи голем дел од ланската реколта сè уште не е откупена.
„Трагична незаинтересираност на власта. Има заостанати количини од минатата година. Само половина од произведениот ориз е откупен, 50 отсто седи по амбарите, никој не е заинтересиран да го откупи, глувци има по амбарите, што е ризик да се прошират болести во овој регион. Дополнително на сите овие проблеми, нема никаква насока ниту најава за откупни цени или субвенции за оризот којшто се произведува оваа сезона“, нагласи Филипче.
Кој е предлогот на ЗНАМ за нов министер за земјоделство?
Во рамки на најавената реконструкција на Владата, лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, на 30 јуни објави дека неговата партија го презема Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. За нов министер беше предложен Борче Серафимовски, кој актуелно ја извршува функцијата државен секретар во овој ресор.
Димитриевски тогаш го претстави Серафимовски како човек кој ги обединува академското знаење и менаџерското искуство, потенцирајќи дека и самиот е земјоделец, доктор по организациски науки, магистер по меѓународни односи, дипломиран бизнис-менаџер и дипломиран дефендолог.
Според јавно достапната биографија, Серафимовски завршил додипломски студии на Филозофскиот факултет во Скопје (дефендологија). Паралелно, завршил и додипломски студии по бизнис-менаџмент на Варненскиот слободен универзитет „Црноризец Храбар“ во Варна, Бугарија. Неговото високо образование продолжува во соседната држава – магистрирал меѓународни односи на Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“ во Благоевград, а докторирал на Стопанскиот факултет при Великотрновскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Велико Трново, Бугарија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

