04 јули 2026
• од Темелко Тошев
ретседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка, Моника Зајкова, упати остри критики до Министерството за внатрешни работи (МВР) поради правната квалификација на бруталниот напад врз 14-годишно момче во скопската населба Ченто.
Реакцијата на Зајкова доаѓа откако МВР, цели 11 дена по инцидентот, поднесе кривична пријава против сторителите само за кривичното дело „насилство врз дете“.
Преку објава на својот фејсбук-профил, пратеничката посочи дека иако ваквиот напад несомнено содржи елементи на насилство, сериозноста на повредите отвора простор за сомнеж дека станува збор за многу потешко кривично дело.
„По 11 дена, МВР поднесува кривична пријава за ‘насилство врз дете’ за случај во кој дете е избодено седум пати со нож. Да, ваквиот напад може да содржи елементи на ова кривично дело, но вистинското прашање е дали истовремено постојат и елементи на потешко кривично дело – тешка телесна повреда или обид за убиство“, истакна Зајкова во својата објава.
Зајкова предупредува дека несоодветното квалификување на ваквите брутални напади директно влијае врз перцепцијата на граѓаните за правдата и владеењето на правото во државата. Таа побара сериозна правна анализа и јасно образложение од надлежните институции.
„Ако седум убоди со нож, оставање на жртвата беспомошна и бегство од местото на настанот не бараат најсериозна правна анализа и јасно образложение од надлежните, тогаш со право граѓаните ја губат довербата дека правдата е еднаква за сите“, децидна е претседателката на ЛДП.
Случајот со 14-годишното момче од Ченто предизвика бура од реакции во јавноста, а критиките на Зајкова дополнително го отвораат прашањето за ефикасноста и соодветноста на реакциите на правосудните и безбедносните органи кога станува збор за тешко насилство врз малолетници.
Му дал 91.000 денари за реновирање на бањата, останал и без мајстор и без пари
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

