05 ноември 2026
• од Димитар Стојановски
Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, денеска ќе му го предаде на премиерот Христијан Мицкоски извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија. Во извештајот се наведува дека уставните измени остануваат услов за продолжување на пристапниот процес.
Комисијата оценува дека земјава постигнала значителен напредок во спроведувањето на Реформската агенда. Сепак, не се направени обиди за усвојување на уставните измени предвидени со заклучоците на Советот на ЕУ од 2022 година, со кои во Уставот треба да бидат внесени и граѓаните што припаѓаат на други народи, меѓу кои и Бугарите. Целта на ЕУ е да го отвори првиот преговарачки кластер штом бидат исполнети условите, пренесува МАКФАКС.
Во делот на реформите, извештајот бележи одреден напредок во судството, но посочува проблеми со неговата независност и недостигот од ресурси. Не е забележан напредок во борбата против корупцијата, која и натаму е широко распространета и сериозна причина за загриженост.
Комисијата наведува и дека политичката поларизација го забавува донесувањето реформски закони, а напредокот во многу области е ограничен. Извештајот нотира и недостиг од напредок во слободата на изразување, како и потреба од подобрување на заштитата на човековите права, условите за работа на медиумите и дијалогот со Бугарија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

