27 јули 2026
• од Темелко Тошев
Над 4.070 граѓани во Гостивар досега побарале лекарска помош, откако водата во градот била контаминирана со фекалии, обвинуваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Само во текот на вчерашниот ден биле регистрирани нови 125 прегледи на лица со симптоми, а едно дете е задржано на болничко лекување.
Од опозициската партија реагираат на, како што велат, молкот и негрижата на институциите, посочувајќи дека првите симптоми кај граѓаните се појавиле уште на 14 јули, додека епидемија била прогласена дури на 19 јули.
„Цели пет дена институциите не ја информираа јавноста навреме и не презедоа соодветни мерки, додека граѓаните масовно завршуваа во амбулантите и болниците. Министерот Клековски потврди дека има отстапувања во примероците, но предупредувањето стигна премногу доцна“, се вели во партиското соопштение на СДСМ.
Според партијата, ситуацијата во Гостивар не е обичен технички пропуст, туку класичен системски колапс.
„Кога институциите молчат додека илјадници луѓе се трујат, тогаш веќе не зборуваме за грешка, туку за нивниот однос кон граѓаните. Одговорноста е јасна. Единственото прашање е кога некој конечно ќе ја преземе“, потенцираат од СДСМ.
Во реакцијата, тие директно ја коментираат и последната изјава на премиерот Христијан Мицкоски во врска со надминувањето на кризата.
„Од друга страна, Мицкоски вели дека од денеска техничката вода во Гостивар е чиста. Му верувате ли?“ – прашуваат од СДСМ на крајот од своето соопштение.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

