27 јули 2026
• од Темелко Тошев
Околу 120.000 деца, или речиси три од десет деца во Северна Македонија, растат во домаќинства кои не можат да им обезбедат сигурен живот над прагот на сиромаштија. Додека детската сиромаштија изнесува високи 29,5 отсто, системот за социјална заштита опфаќа само околу едно од пет деца, оставајќи илјадници семејства без соодветна државна поддршка.
Ова го покажува новата анализа за детските надоместоци, објавена во мај 2026 година, како и најновите податоци од Анкетата за приходи и услови за живот. Најпогодени од сиромаштијата се децата од големите семејства, еднородителските домаќинства и ромските заедници. Кај семејствата со еден родител и оние со три или повеќе деца, дури секое второ дете живее под линијата на сиромаштија.
Апсурд во системот: Повеќе деца, помалку помош
Една од најголемите нелогичности во актуелниот систем е тоа што детскиот додаток е ограничен на максимум две деца. Ова значи дека едно семејство со три или четири деца зема ист вкупен износ како семејство со две деца, иако трошоците логично се зголемуваат. Со ова, државната помош по дете станува сè помала токму во семејствата кои се во најголем ризик од сиромаштија.
Во моментов, детскиот додаток се движи од 1.418 до 2.692 денари месечно. За споредба, минималниот додаток покрива само околу 2,1 отсто од основната синдикална кошница, која во јули 2026 година достигна 68.498 денари (или 83.873 денари за домаќинство под кирија). Дури и максималниот износ не покрива ниту четири отсто од минималните месечни трошоци на едно семејство.
Инфлацијата ја „изеде“ вредноста на помошта
Иако паричните надоместоци номинално се усогласуваат, тие драстично заостануваат зад растот на платите и реалните трошоци за живот. Во 2019 година, минималниот детски додаток изнесувал 8% од минималната плата, додека во 2026 година тој удел е паднат на само 5,8%.
Покрај детскиот, тука е и образовниот додаток кој на годишно ниво изнесува околу 11.904 денари за основец и 17.000 денари за средношколец. Сепак, условот детето да посетува најмалку 85 отсто од часовите парадоксално може да ги исклучи токму најсиромашните деца, кои често отсуствуваат поради немање пари за превоз, облека или други социјални пречки.
Строги критериуми кои ги оставаат сиромашните со празни раце
За да се добие помош, цензусот е поставен многу ниско. Почетната основа за пресметување на приходниот праг е 6.800 денари – што е околу половина од проценетиот праг на сиромаштија за една возрасна единка. За четиричлено семејство, дозволениот месечен приход за да се оствари право на помош е само 15.640 денари, што ги остава надвор од системот дури и оние кои работат за минималец, а сепак едвај врзуваат крај со крај.
Дополнително, правото може да биде одбиено доколку семејството поседува мал наследен имот (кој не носи приход) или заштеда над 70.000 денари наменета за црни денови или здравствени проблеми.
УНИЦЕФ предлага реформи: Универзален додаток или зголемување на праговите
Според анализите, доколку ништо не се промени, системот ќе продолжи прецизно да ја мери сиромаштијата, но нема да ја намали. УНИЦЕФ и експертите предлагаат два главни правци за реформи кои можат да ја намалат детската сиромаштија до 6 процентни поени:
Се препорачува и додатоците да се врзат со прагот на сиромаштија или минималната плата, како и постепено (наместо нагло) укинување на помошта кога родителот ќе се вработи, за да се спречи семејството преку ноќ да биде вратено во бездната на сиромаштијата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

