04 мај 2026
• од Стефан Николов
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека САД остануваат централниот столб на НАТО, и покрај постоечките разлики во ставовите, минимизирајќи ги тензиите со американскиот претседател Доналд Трамп, откако Вашингтон објави намалување на своето воено присуство во Германија, јави Ројтерс.
„Останувам уверен дека Американците се нашиот најважен партнер во Северноатлантската алијанса“, изјави Мерц во интервју за јавниот сервис АРД, кое ќе биде емитувано подоцна вечерва.
На прашањето дали плановите на САД за намалување на военото присуство во Германија се поврзани со несогласувањата меѓу двајцата лидери околу стратегијата на Трамп во Иран, Мерц кратко одговори: „Нема врска“.
Според ДПА, Мерц претходно неделава даде контроверзен коментар, алудирајќи дека иранската влада „ги понижила“ САД во текот на преговорите, што предизвика остра реакција од страна на Трамп.
Во меѓувреме, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека го повикал Иран да започне преговори за прекин на војната во денешен телефонски разговор со својот ирански колега Абас Арагчи. Во објава на платформата X, тој нагласи дека Берлин и Вашингтон имаат заедничка позиција во однос на иранската нуклеарна програма.
„Како близок сојузник на САД, ние ја делиме истата цел: Иран мора целосно и проверливо да се откаже од нуклеарното оружје и веднаш повторно да го отвори Ормускиот теснец“, истакна Вадефул.
Германско-американските дипломатски односи се внимателно следени во контекст на јавниот спор меѓу Трамп и Мерц, кој дополнително ја зголемува неизвесноста околу идната безбедносна политика во рамки на Алијансата.
Од своја страна, Арагчи даде краток осврт на разговорот, наведувајќи дека биле разменети мислења за тековните регионални и меѓународни случувања.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

