17 јули 2026
• од Темелко Тошев
Потпретседателот на ДУИ и поранешен шеф на дипломатијата, Бујар Османи, остро реагираше на обвинувањата од коалицијата ВЛЕН. Откако од ВЛЕН го прозваа за неговата средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во 2021 година, тврдејќи дека тогаш разговарал за унапредување на положбата на Србите во Северна Македонија, Османи истакна дека станува збор за очаен обид дипломатските обврски да се претстават како политички определби. Во својата писмена реакција, Османи посочува дека е крајно несериозно официјалните средби на еден министер за надворешни работи да се толкуваат како идеолошка блискост. Според него, суштината на дипломатијата е токму водењето дијалог и со оние држави со кои постојат суштински несогласувања. Тој појасни дека документот на кој се повикува ВЛЕН е всушност официјално соопштение од Кабинетот на претседателот на Србија, кое исклучиво ги одразува ставовите на Белград, а не на Република Северна Македонија.
„И денес би се сретнал со секој странски соговорник, без разлика на политичките разлики, бидејќи тоа е уставна и законска обврска на министерот за надворешни работи. Но, никогаш не би избрал политички да коалицирам со субјекти кои ја негираат независноста на Косово, го релативизираат геноцидот во Сребреница или ги поткопуваат правата на Албанците и Охридскиот рамковен договор“, потенцираше Османи, алудирајќи на актуелните владини партнери на ВЛЕН во Северна Македонија. Според Османи, доколку се следи логиката на ВЛЕН, тогаш би требало да бидат критикувани и сите светски лидери кои остваруваат средби со претставници на земји со кои имаат отворени спорови. Тој заклучи дека дипломатските средби се државничка должност, додека политичкото коалицирање е прашање на слободен избор, вредности и принципи – две работи кои никако не смеат да се поистоветуваат.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

