24 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Изгледа дека Министерството за надворешни работи доби нов, неформален сектор: Институт за национална историја. Во недостаток на дипломатски пробиви, шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски реши да ги смени професионалните чевли и преку ноќ да стане врвен експерт за архиви, историски факти и национални идентитети од почетокот на 20-тиот век.
Наместо да ја остави историјата на историчарите, а фактите на документите, министерот одлучи да ги скрати маките на Мешовитата историска комисија. Зошто воопшто научниците да истражуваат, да споредуваат извори и да дебатираат со месеци, кога министерот може едноставно да застане пред микрофоните и да издиктира што точно бил Гоце Делчев, а што Јане Сандански?
Најфасцинантниот момент од најновата изјава на Муцунски е воведувањето на сосема нова методологија во историската наука – политичката претпоставка.
„Моја претпоставка, и она што го знам од историјата, она што го имам слушнато од научници, е дека ако се бара Гоце Делчев да кажеме дека е Бугарин, нема да постигне резултат Историската комисија,“ изјави министерот-историчар.
Во сериозната наука, фактите се утврдуваат со читање оригинални документи, писма, манифести и весници од епохата. Но, во новата дипломатско-историска реалност, сосема е доволно министерот да „има нешто слушнато од научници“ за веднаш да постави црвени линии врз работата на една независна, академска комисија.
Додека Муцунски обвинува дека „секој наратив кој ни наметнува да фатиме некоја туѓа историска реалност“ е погрешен, тој го прави токму истото на домашен терен – ѝ наметнува политичка реалност на науката.
Парадоксот достигнува врв кога шефот на дипломатијата, во ист здив, ги уредува историските читанки и повикува на европски вредности и „деескалација“.
Ако министерот за надворешни работи веќе знае сè што се случувало, ако има кристално јасна слика за тоа што се небулози, а што ноторни факти, тогаш се поставува логично прашање: Зошто државата воопшто плаќа историчари да седат во комисии?
Најпрактично би било Историската комисија да се распушти, а МНР да почне да издава месечни билтени со дефинитивни историски вистини. Сè додека политичарите глумат историчари и однапред ги диктираат заклучоците, вистинската наука ќе биде блокирана, а историјата ќе остане само евтина муниција за дневно-политички и дипломатски препукувања.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

