02 септември 2026
• од Темелко Тошев
Либерално-демократската партија (ЛДП) упати остри критики до министерката за образование и наука, Весна Јаневска, оценувајќи го нејзиното обраќање до првачињата на првиот училиштен ден како „срамен, скандалозен и без ронка емпатија настап“.
Реакцијата на партијата следи по изјавата на министерката Јаневска, која пред шестгодишните првачиња порача дека, покрај тоа што треба да стекнуваат знаења, треба да си „побараат братче или сестриче“ за да се решат демографските проблеми и да се спречи затворањето на училиштата.
Од ЛДП се згрозени од ваквиот речник на министерката, нагласувајќи дека децата не смеат да бидат предмет на политички и демографски говори, особено не на нивниот прв ден во училишните клупи.
„Да им порачаш на шестгодишни првачиња ‘да си побараат братче или сестриче за да се отвореле затворените училишта’ значи или дека воопшто не размислуваш пред да зборуваш, или дека си целосно отцепен од реалноста“, се вели во острата реакција на ЛДП.
Партијата потенцира дека демографската криза, иселувањето на младите и затворањето на училиштата се сериозни државни проблеми кои треба да се решаваат преку системски мерки, економски развој и подобрување на животниот стандард, а не преку префрлање на одговорноста или упатување несоодветни пораки до најмладите.
Изјавата на министерката предизвика лавина од реакции во јавноста и на социјалните мрежи, каде граѓаните ја осудија реториката како несоодветна за еден министер за образование кој треба да им влее надеж и радост на првачињата на почетокот од нивното образование.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

