18 август 2026
• од Темелко Тошев
Православната црква и нејзините верници денес го чествуваат споменот на Светиот маченик Евсигниј, светител кој својот живот го посветил на верата и правдата, а маченички настрадал во длабока старост.
Шеесет години воена служба и сведок на чуда Свети Евсигниј служел како војник за време на владеењето на неколку римски императори: Максимијан, Константин Велики и синовите на Константин. Низ неговиот долг и бурен живот, тој бил сведок на значајни христијански настани и чуда. Присуствувал на мачењето на светиот маченик Василиск (кој се празнува на 22 мај) и тогаш видел мноштво ангели, како и самиот Господ Исус Христос, како ја примаат душата на овој маченик.
Исто така, како војник на царот Константин, Евсигниј сведочел на уште едно големо чудо – го видел крстот што му се јавил на царот пред неговата голема битка.
Повлекување во Антиохија и богоугоден живот Откако поминал цели шеесет години во воената служба, за време на царувањето на синовите на Константин, Евсигниј решил да се повлече. Своите пензионерски денови одлучил да ги мине во неговиот роден град Антиохија. Таму живеел мирен и богоугоден живот, посветен на постот, молитвата и правењето добри дела.
Праведна пресуда која водела до мачеништво Евсигниј уживал голем углед како чесен и мудар човек, што било причина поради која, во времето на владеењето на царот Јулијан Отстапник, двајца скарани луѓе на улица го замолиле да им пресуди во нивниот спор. Како праведен човек, Евсигниј пресудил во корист на оној што бил во право. Но, виновниот човек не можел да го прифати поразот. Воден од гнев, отишол кај царот и го кодошел Евсигниј дека е христијанин.
Царот Јулијан веднаш го повикал стариот Евсигниј на суд. Наместо да се исплаши, Евсигниј храбро го разобличил царот за неговото страшно отстапништво од христијанската вера и го укорил посочувајќи му го како светол пример големиот цар Константин.
Разгневен од неговата смелост и непоколебливост, царот Јулијан наредил веднаш да му ја отсечат главата. Така, во 362 година, во длабока старост, Свети Евсигниј маченички пострадал и се преселил во Небесното Царство, оставајќи зад себе вечен пример за праведност и верност кон Бога.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

