18 август 2026
• од Темелко Тошев
Српското влијание во Македонија е длабоко вкоренето и сè уште активно функционира преку повеќе сфери, вклучувајќи ги политиката, разузнавањето, медиумите и академската заедница, истакнува граѓанскиот активист и аналитичар Петрит Сарачини.
Анализирајќи ги историските и политичките прилики кои ја обликувале државата, Сарачини се осврна на континуитетот на српската политика кон земјава. Тој потсети на тешките минати процеси, како што е насилната преселба на Албанците во Турција, но ги лоцираше и ретките моменти на вистински политички отпор од страна на македонското раководство во минатото.
Според него, низ историјата постоеле само неколку исклучоци кога тогашна социјалистичка Македонија покажала видлива дивергенција од српската политика. Тоа, како што посочува, делумно се случило во времето на либерализмот на Киро Глигоров и Крсте Црвенковски, а нешто посилно дошло до израз преку дејствувањето на Петар Гошев и Васил Тупурковски.
„Тие едноставно беа првите македонски политичари кои малку повеќе скршнаа од политиката којашто ја водеше тогашна Србија во Југославија“, нагласува Сарачини.
Сепак, тој предупредува дека корените на тоа влијание се исклучително силни и дека старите структури во земјава никогаш не биле целосно прекинати.
„Тука се корените на силното влијание и Србија има политичко влијание, разузнавачко влијание... сè уште старите врски функционираат, како и медиумско и силно академско влијание во Македонија“, истакнува тој во својата изјава.
Оваа мрежа, според Сарачини, не е само остаток од далечното минато, туку активно ги диктирала и обликувала клучните настани во поновата македонска историја. Тој потсетува дека последиците и рефлексиите од ваквото влијание граѓаните можеле директно да ги видат на политичката сцена уште од самите почетоци на плурализмот.
„Тоа ние го видовме не само во деведесетите години, како се одвиваа работите тука на политичката сцена. Го видовме и во 2001 година за време на конфликтот. Го видовме и подоцна, особено во периодот откако се смени власта во 2006 година“, заклучува Сарачини.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

