09 октомври 2026
• од Гоце Кически
Бугарското Министерство за надворешни работи ја отфрла можноста за уставни измени во Македонија со одложено дејство и тврди дека нема простор за повторно преговарање за условите договорени со Европската Унија во 2022 година.
Велислава Петрова од бугарското МНР, во обраќање пред бугарскиот парламент, изјави дека впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав е европски услов за реално отворање на преговорите со ЕУ.
„Дозволени ли се уставни измени со одложено дејство? Одговорот е не“, рече Петрова.
Таа нагласи дека Софија не го смета ова за билатерално бугарско барање, туку за дел од европските услови прифатени во рамките на договорот од 2022 година. Според неа, бугарската страна нема да прифати заобиколување или повторно преговарање за постигнатиот компромис.
Петрова изјави и дека Бугарија не учествува во консултации за промена на преземените обврски. Таа ги отфрли и можностите за посредување или за нов договор со одделни земји членки на ЕУ.
„Нема никаква потреба од преговори за повторно договарање. Таквиот пристап е неприфатлив за нашата земја“, рече таа.
Според Петрова, бугарските власти добивале информации од европски престолнини и институции дека македонската страна предлагала различни модели за спроведување на европскиот договор и таканаречениот француски предлог. Таа рече дека Софија ги оценувала тие варијанти како неприфатливи, но не наведе со кои земји или на кое ниво биле водени разговорите.
Петрова додаде дека прашањето било отворено и на нејзината последна средба со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, при што, како што рече, бугарската позиција останала непроменета.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

