09 октомври 2026
• од Гоце Кически
Мрежата за заштита од дискриминација упати отворено писмо до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во кое бара одговори за нејзините средби со претставнички на здружението „Јас сум жена“ и за меѓународните организации со кои тие се поврзани, пренесува порталот МКД.
Повод за реакцијата е средбата од 6 октомври, на која активностите на „Јас сум жена“ биле претставени преку женското вмрежување и економското јакнење. Од Мрежата оценуваат дека јавноста треба да биде информирана и за пошироките политички и вредносни позиции на организациите со кои здружението соработува.
Во писмото се посочува дека претседателката на „Јас сум жена“, Ана Дукоска, е коосновачка на меѓународната мрежа „Мајки за слобода“, заедно со Кимберли Флечер, основачка на американската организација „Мајки за Америка“. Мрежата за заштита од дискриминација тврди дека „Мајки за Америка“ се залага против правото на абортус и дека нејзиното политичко крило учествува во американски политички процеси поврзани со ова прашање.
Од Мрежата ја прашуваат Сиљановска-Давкова дали е целосно запознаена со овие врски и со политиките што ги застапуваат партнерските организации. Тие нагласуваат дека економското јакнење на жените треба да биде придружено и со почитување на нивните репродуктивни права и правото самостојно да одлучуваат за сопственото тело.
Во отвореното писмо се повикуваат и институциите, компаниите, бизнис-заедницата, медиумите и граѓанските организации внимателно да ги проверуваат партнерствата и вредностите на организациите на кои им даваат јавна видливост.
„Правата на жените не се за преговарање“, порачуваат од Мрежата, додавајќи дека нивното барање не е некој да биде замолчен, туку организациите јавно и јасно да кажат за какви политики и вредности се залагаат.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

