15 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Претседателот на Бугарскиот културен клуб – Скопје (БККС), Лазар Младенов, излезе со жестока реакција на социјалните мрежи по инцидентот во кој беа опожарени две патнички возила во непосредна близина на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Младенов во својата објава на Фејсбук директно ги поврза сторителите со континуираната антибугарска реторика во македонскиот медиумски и интернет простор. Со видлив револт и остри зборови, тој посочи дека ваквите инциденти се очекувана последица на пропагандата.
„Секојдневната офанзива на омраза кон Бугарија, водена од портали и поткасти блиски до власта, немаше како да не биде искористена од малоумни екстремисти!“, напиша Младенов.
Во вториот дел од своето обраќање, тој го сврте вниманието кон еден, според него, парадоксален феномен – поддршката што одредени македонски портали и поткасти ја добиваат токму од граѓани на Бугарија. Младенов изрази жалење што дел од Бугарите несвесно потпаѓаат под влијание на овие медиуми и финансиски ги помагаат истите структури кои работат против нивните интереси.
„За мене е жално што доста Бугари од другата страна на Огражден и Осогово им поверуваа на пропагандата на таквите, дури и ги финансираа со донации, без да разберат оти со тоа ги помагаат антибугарските структури во Македонија“, истакна Младенов.
На крајот, тој упати апел до бугарската јавност добро да размисли пред да стисне „subscribe“ и да донира пари, бидејќи, како што вели, токму тие средства се користат за уште пожестоки напади врз Бугарија.
Инаку, реакцијата на Младенов следи откако две патнички моторни возила беа зафатени од пламен пред објектот на бугарската амбасада во Скопје. Според информациите од скопската Противпожарна бригада, благодарение на нивната брза интервенција, огнот бил навреме изгаснат и спречена е поголема материјална штета.
Почеток на одбројувањето: Денеска завршува првиот уписен рок за средношколците
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

