10 октомври 2026
• од Тодор Вангелов
Грција учествуваше во реставрацијата на вредните фрески во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, во Преспанскиот Регион, кои потекнуваат од 1191 година. Грчката министерка за култура Лина Мендони го посети историскиот споменик по завршувањето на конзерваторските работи, објави грчкиот портал Greek City Times.
Проектот започнал кон крајот на 2022 година, а бил завршен во 2025 година. На покана на македонското Министерство за култура, експерти од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици во Солун ја подготвиле стручната документација и ја надгледувале реставрацијата. Значителен дел од работите бил финансиски поддржан од грчкото Министерство за култура.
При обновата биле користени современи технологии и материјали за зацврстување и чистење на фреските. Со реставрацијата повторно дошле до израз нивните живописни бои и уметнички детали. Особено значајни се претставите на ангелите над Богородица, кои се сметаат за едни од највредните достигнувања на византиското сликарство.
Мендони ја посетила црквата по средбата на министрите за култура на Северна Македонија, Грција и Албанија, на која се разговарало за заедничка кандидатура на Преспанскиот Регион за впишување на листата на светското наследство на УНЕСКО. Во Курбиново ја пречекал македонскиот министер за култура и туризам Седат Сулејмани.
Со посетата било означено и официјалното предавање на завршениот проект на надлежните македонски институции. Министерството за култура планира црквата да ја отвори за посетители како археолошки локалитет.
Како што пренесува Greek City Times, грчката делегација пристигнала во Курбиново преку новиот граничен премин кај Лемос во Преспа. Изградбата на преминот сè уште трае, а неговото завршување се очекува до крајот на 2027 година.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

