03 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Политичкиот аналитичар Џело Хоџиќ, во своето најново гостување во поткастот „Почетна пресметка“, излезе со сериозни предупредувања и прогнози за следните чекори на актуелната власт, нагласувајќи дека тие се свесни за падот на сопствениот рејтинг. Според Хоџиќ, постои реална можност премиерот Христијан Мицкоски да се одлучи за брзи избори веќе наесен, со цел да го пресретне и стопира растот на опозицијата.
Клиентелизмот како алатка за опстанок
Анализирајќи ја моменталната политичко-економска слика, Хоџиќ истакна дека Македонија сè уште функционира како длабоко клиентелистичко општество, што директно се користи за одржување на политичката моќ.
„Они гледаат дека паѓаат во едно клиентелистичко општество каде што е мала државата, а каде што државата е еден од најголемите работодавачи“, посочи Хоџиќ во поткастот.
Тој смета дека токму овој систем на зависност од државниот апарат е тоа што ѝ овозможува на власта да манипулира со изборните циклуси.
„Груевски беше доктор за таа политика“
Зборувајќи за стратегиите за задржување на моќта, Хоџиќ направи директна паралела меѓу сегашната политика и онаа на поранешниот премиер Никола Груевски. Тој предупреди дека власта планира да организира избори додека сè уште има „каква-таква“ предност.
„Власта сака да го спречи својот пад така што ќе организира избори додека уште ја има јасната поддршка, за да го стопира растот на опозицијата. Никола Груевски беше доктор во таа политика. Он беше јак стратег за партијата, но тоа е деструктивна политика за државата“, дециден е Хоџиќ.
Октомври како можен тајминг за избори?
На прашањето зошто смета дека актуелниот премиер би се одлучил на таков потег во овој момент, Хоџиќ ја објасни политичката калкулација која, според него, се одвива во владејачките редови.
Според неговото гледиште како критички новинар, власта ја следи состојбата кај опозицијата која во моментов сè уште не е доволно консолидирана и силна. Токму затоа, стравот од сопствениот пад може да биде тригер за брза реакција.
„Зашто мислите дека во овој момент Мицкоски, кога гледа дека опозицијата не е доволно јака, а он паѓа во својата поддршка, нема да рече: ’Дечки, ајде во октомври идеме на избори за да го спречиме растот на опозицијата‘?“, прашува Хоџиќ.
Овие ставови изнесени во „Почетна пресметка“ отвораат сериозни дилеми во јавноста – дали политичката есен ќе донесе нов изборен циклус и дали теснопартиските калкулации повторно ќе бидат ставени пред стабилноста на државата.
Две „четворки“ од Данска и Турција: Дали е ова реалноста на подновената Македонија?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

