02 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Потпретседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, официјално поднесе оставка од својата функција во кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски. Овој потег следува по период од повеќе од два и пол месеци во кои Фетаи воопшто не се појавуваше на своето работно место, состојба која во јавноста беше окарактеризирана како своевиден политички „егзил“.
Преку објава на социјалните мрежи, Фетаи ја извести јавноста за своето повлекување, нагласувајќи дека одлуката е донесена внимателно и со цврсто убедување дека тоа е најправилниот и најдостоинствен чекор.
Осврнувајќи се на својот мандат, тој посочи:
„Денес му ја доставив на премиерот мојата оставка од функцијата заменик-претседател на Владата за добро владеење. Во изминатите две години имав чест и привилегија да ѝ служам на државата, придонесувајќи за реформи што имаат за цел зајакнување на отчетноста, транспарентноста и владеењето на правото — мисија која е исто толку важна, колку што е и неблагодарна. Дали сум целосно задоволен од она што го постигнавме? Секако дека не. Секогаш има простор за повеќе, за подобро и за побрзо. Но дали работев со максимална посветеност за да поставам здрави темели врз кои може понатаму да се гради? Без никаква дилема, да.“
Фетаи порача дека од функцијата заминува со чиста совест и упати благодарност до своите соработници:
„Им благодарам на сите што ми укажаа доверба, ме поддржаа и соработуваа со мене. Посебна благодарност до мојот тим, меѓународните партнери, граѓанското општество и граѓаните кои ми беа поддршка и мотивација на секој чекор. Службата на јавниот интерес не завршува со функцијата. Напротив, таа продолжува секаде каде што има потреба од интегритет, храброст и слободни гласови во одбрана на заедничкото добро.“
Од владината прес-служба за телевизија Телма потврдија дека писмото со оставката е официјално примено во текот на денешниот ден.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, во изјава за медиумите појасни дека оставката на Фетаи ќе биде констатирана на првата следна владина седница.
Арбен Фетаи ја извршуваше функцијата вицепремиер задолжен за политики за добро владеење. Неговото долготрајно и необјаснето отсуство од владините активности во изминатите месеци предизвика голем интерес и шпекулации во јавноста, кои сега добија свој епилог со неговото официјално повлекување од Илинденска бр. 2.
Две „четворки“ од Данска и Турција: Дали е ова реалноста на подновената Македонија?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

