17 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагираше на одлуката на Уставниот суд, кој ја укина одлуката на Општина Тетово од 2007 година за преименување на низа улици и јавни простори. Од партијата оценуваат дека овој развој на настаните докажува оти „кампањата за демонтирање на политичките достигнувања на Албанците влегува во нова фаза“.
Во својата реакција, ДУИ нагласува дека враќањето на името „Маршал Тито“ на централниот плоштад во Тетово не е изолиран случај, туку дел од поширок политички процес.
„Враќањето на името ‘Маршал Тито’ на централниот плоштад во Тетово е само најновиот знак на реалноста која секојдневно станува сè поочигледна: државните институции се користат за бришење на трагите на еднаквоста стекната со децениски политички напори“, се вели во партиското соопштение.
Според ДУИ, последните случувања не треба да изненадат никого, бидејќи, како што оценуваат тие, политичкото претставување на Албанците во власта е сведено на формална улога.
„Во овој процес нема место за чудење. Кога албанското претставување се сведува на владин декор, одлуките почнуваат да ги носат други. Кога недостасува храброст да се одбранат националните интереси, загубите стануваат неизбежни. Кога власта станува поважна од претставувањето, последиците ги плаќаат граѓаните“, нагласуваат од партијата.
Опозициската ДУИ оценува дека одговорноста за новонастанатата ситуација не лежи само кај Уставниот суд, туку и кај албанските политички претставници кои се дел од власта.
„Одговорноста не застанува кај Уставниот суд. Одговорноста е и на оние кои секојдневно ја легитимираат оваа реалност со својот молк, сервилност и политичка неспособност“, се додава понатаму во реакцијата.
Партијата ги повика Албанците да не го прифаќаат, според нив, нормализирањето на ваквиот политички курс.
„ДУИ го повикува секој Албанец да го отфрли нормализирањето на овој политички курс. Политичката асимилација не започнува со една единствена одлука. Таа започнува кога еден народ ќе се навикне да ги прифаќа загубите како нешто вообичаено.“
На крајот од своето обраќање, ДУИ го повторува ставот дека нема да се помири со случувања кои ја нарушуваат политичката позиција на Албанците во земјата, заклучувајќи категорично: „ДУИ нема да го прифати ова.“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

