14 август 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој заедно со уште седуммина се гони за злоупотреби во „Државна лотарија“, ќе биде суден според контроверзните измени на Кривичниот законик донесени во 2023 година. Овие законски измени предвидуваат значително поблаги казни за злоупотреби сторени од страна на функционери.
Со оглед на тоа што во македонското кривично право стриктно важи уставното и законско начело за задолжителна примена на поблагиот закон за сторителот, за Груби ќе важи токму овој закон, кој беше донесен во времето кога на власт беа СДСМ и ДУИ.
Поранешниот вицепремиер се гони за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, конкретно по фамозниот член 353 став 5 во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик.
Според овој член од законот од 2023 година, доколку сторителот со намера прибави за себе или за друг значителна имотна корист или нанесе значителна имотна штета, предвидената казна затвор е од една до максимум пет години. Ваквата законска рамка, поради нискиот праг на максималната казна, теоретски остава голем простор поранешниот висок функционер на ДУИ да помине само со условна осуда и да избегне ефективна затворска казна.
Да се потсетиме, измените на Кривичниот законик минатата година беа донесени експресно и предизвикаа лавина негативни реакции во јавноста поради сомнежите дека се кроени специјално за спас на функционери од долгогодишни затворски казни и застарување на нивните предмети. Останува да се види како ќе се одвива судската разврска за скандалот со „Државна лотарија“.
Бугарија освои четири медали на Меѓународната олимпијада по информатика во Ташкент
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

