06 септември 2026
• од Темелко Тошев
Политичката партија Алијанса за Албанците (АА) остро го осуди секој обид за величање на Ратко Младиќ, кој е осуден на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.
Во партиската реакција се потсетува дека над 8.000 мажи и момчиња беа убиени во Сребреница, а илјадници цивили настрадаа за време на теророт во Сараево.
„За овие злосторства постојат правосилни судски пресуди. Овде нема место за митови, романтизирање и препишување на историјата по желба на националистите. Секој што велича воен злосторник, ги навредува жртвите, нивните семејства и самото човештво. Глорифицирањето на човек осуден за геноцид е морален, човечки и политички срам“, се вели во соопштението на Алијанса за Албанците.
Од партијата изразуваат длабока загриженост поради, како што велат, објавите на социјалните мрежи каде може да се забележат македонски сограѓани кои изразуваат восхит и благодарност кон Ратко Младиќ.
„Ова е знак за аларм за нашето општество. Умовите затруени од национализам мора да се излечат, бидејќи Балканот премногу скапо ја плати оваа болест“, посочуваат од АА.
На крајот, од партијата потсетуваат дека Северна Македонија се стреми кон членство во Европската Унија и истакнуваат дека во држава која претендира дека споделува европски вредности, нема место во јавните институции и во јавниот живот за глорификација на осудени за геноцид и воени злосторства.
„Жртвите заслужуваат почит. Геноцидот не се релативизира. Воените злосторници не се слават. Оние кои ги глорифицираат мора да се соочат со целосна морална и јавна осуда од општеството“, заклучуваат од Алијанса за Албанците.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

