22 август 2026
• од Темелко Тошев
Православната црква и нејзините верници денеска го прославуваат споменот на Светиот апостол Матиј, еден од Дванаесеттемина големи апостоли, чиј живот и дело се длабоко врежани во почетоците на христијанството.
Според преданието, апостол Матиј бил родум од Витлеем и потекнувал од племето Јудино. Својот духовен пат го започнал како ученик на свети Симеон Богопримец во Ерусалим. Кога Исус Христос почнал да проповеда за Царството Божјо, Матиј со голема љубов и посветеност им се придружил на Неговите следбеници, восхитувајќи се на Неговите зборови и дела.
На почетокот, Матиј бил вброен меѓу седумдесетте помали апостоли. Меѓутоа, по предавството на Јуда и неговата смрт, местото меѓу Дванаесетте останало испразнето. По Христовото воскресение, останатите апостоли со ждрепка го избрале токму Матиј да го пополни тоа значајно место, како што е запишано и во Делата Апостолски.
Откако го примил Светиот Дух на празникот Педесетница, апостол Матиј тргнал да го проповеда Евангелието. Неговата мисија започнала во Јудеја, а продолжила во Етиопија, каде што претрпел големи маки заради верата во Христа. Се верува дека неговото мисионерско дело го довело и во Македонија. Преданието вели дека овде мачителите се обиделе да го ослепат, но по Божја интервенција тој станал невидлив за нив и успеал да се спаси. Подоцна, кога бил затворен, му се јавил Самиот Господ, кој го охрабрил и чудесно го ослободил од занданата.
Својот земен пат го завршил откако повторно се вратил во Јудеја. Таму бил обвинет и изведен пред првосвештеникот Анан – истиот оној кој претходно го осудил и апостолот Јаков. Матиј бестрашно и непоколебливо сведочел за Христа, по што Анан го осудил на смрт. Светиот апостол бил каменуван, а потоа, иако веќе мртов, му ја отсекле главата со секира. Овој чин, кој бил карактеристичен римски начин на погубување, Евреите го примениле со цел да го претстават Матиј пред римските власти како нивник противник.
Така, преку маченичка смрт, големиот Христов апостол Матиј се преселил во вечноста и во прегратките на својот Господ, оставајќи зад себе вечен пример за непоколеблива вера.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

