22 август 2026
• од Темелко Тошев
Во своето најново телевизиско гостување, аналитичарот Зоран Ефремов изнесе сериозни и шокантни тврдења за насоката во која се движи македонската надворешна и внатрешна политика. Според него, државата де факто ја изгубила својата сувереност и веќе извесен период функционира под директен диктат на Будимпешта.
„Да признаеме, ние сме веќе две години официјално колонија на Унгарија“, истакна Ефремов во разговорот, посочувајќи дека странското влијание е највидливо и најдлабоко навлезено во клучните државни институции.
Унгарски дипломати со свои канцеларии во МНР
Најсериозното обвинување на Ефремов се однесува на директното мешање во македонската дипломатија. Тој тврди дека во Министерството за надворешни работи физички се присутни странски претставници кои носат одлуки.
„Во Министерството за надворешни работи имате унгарски дипломати кои ви ја контролираат и водат надворешната политика. И тоа со своја канцеларија,“ нагласи тој, додавајќи дека слична е ситуацијата и во другите клучни ресори, каде што министрите, вклучително и оние за транспорт и врски, мораат да му реферираат за своите чекори на шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто.
Мицкоски нема автономија без одобрување од Орбан
Осврнувајќи се на актуелната власт, Ефремов директно го прозва премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи на негова целосна политичка зависност. Како што тврди тој, секоја владина одлука е условена од зелено светло од Будимпешта.
„Мицкоски, без да го праша Орбан за било што, не може да повлече ниту еден потег,“ категоричен е Ефремов.
Новата „оска“ на Балканот и духот на Трианон
Анализирајќи ја пошироката геополитичка слика, Ефремов смета дека Македонија е само една алка во поголемиот план на унгарскиот премиер Виктор Орбан за создавање на нова сфера на влијание на Балканот.
„Видете ја таа целата територија која што Орбан ја воспостави – заедно со Република Српска, со Србија, завршувајќи со Македонија,“ објаснува аналитичарот. Тој оваа балканска стратегија ја поврзува со историските трауми на Унгарија и Договорот од Трианон по распадот на Австроунгарија, сугерирајќи дека актуелната унгарска политика на проширување на влијанието е директна последица на тие историски процеси.
Овие остри ставови на Ефремов отвораат сериозни прашања за степенот на странско влијание врз владините политики и автономијата во одлучувањето на македонскиот државен врв.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

