26 април 2026
• од Димитар Стојановски
СДСМ денеска обвини дека најновите изјави на унгарскиот опозициски лидер Петер Маѓар отвораат прашања кои, според партијата, директно се поврзани и со политичките и бизнис-релации во Македонија.
На прес-конференција, портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека „Петер Маѓар ја пушти лавината“ и дека наскоро, како што рече, „и граѓаните на Македонија ќе ја видат вистината за Мицкоски и ВМРО“.
Според Кузеска, започнала акцијата за разоткривање на, како што ја нарече, „Орбановата мафијашка мрежа“. Таа посочи дека Маѓар јавно говори за масовно префрлање пари од страна на луѓе блиски до унгарскиот премиер Виктор Орбан кон Обединетите Арапски Емирати, САД, Уругвај и други држави, како и за продажба на медиуми и телевизии по цени под пазарната вредност.
„Унгарските и европските медиуми овие денови пишуваат дека станува збор за систематско ограбување на државата, перење пари и обид да се сокрие имотот пред новата власт да започне сериозни истраги“, рече Кузеска.
Од СДСМ тврдат дека овие случувања имаат директна врска со Македонија. Кузеска обвини дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и неговата партија се „најблиските Орбанови партнери и пријатели на Балканот“.
Таа изнесе тврдење дека повеќе од 40 проценти од медиумскиот простор во Македонија е во рацете на, како што рече, „Орбановата мрежа“, посочувајќи ја и компанијата 4iG, за која СДСМ тврди дека е блиска до Орбан и дека ја купила лиценцата за четвртиот мобилен оператор со цел да ја поврзе содржината на медиумската мрежа.
Кузеска дополнително обвини дека постојат договори во енергетиката со луѓе блиски до Орбан, кинески кредити од над една милијарда евра кои, според СДСМ, поминале преку Будимпешта, како и железнички проекти и бизнис-интереси поврзани со регионални коридори.
„Сè што Маѓар сега го разоткрива во Унгарија – перење пари, контрола на медиуми, тајни бизниси, корупција – директно се пресликува и во Македонија“, рече Кузеска.
Од СДСМ оценија дека ВМРО-ДПМНЕ не е само политичка партија, туку, како што наведоа, „дел од истата регионална криминална мрежа со Орбан и Вучиќ“.
„Петер Маѓар го нарекува Орбан шеф на мафија. СДСМ веќе со месеци вели дека ВМРО е криминална организација која ја зароби државата. Сега доаѓа времето кога тоа ќе можат да го видат и сите граѓани на Македонија“, порача Кузеска.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

