16 август 2026
• од Темелко Тошев
Влијанието на таканаречените „руски“ и „српски свет“ во Македонија најдиректно се прекршува преку црковното прашање, односно преку Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Според Никица Корубин, токму тука најочигледно може да се види директното руско влијание во земјава, но и континуираната великосрпска идеја за културолошко и историско присвојување.
Корубин посочува дека единствената точка каде што се допираат интересите на Белград и Москва во земјава е токму црквата. Причината поради која Русија се обидува да ја придобие МПЦ на своја страна лежи во поширокиот геополитички и црковен судир.
„Тука може да го видиме дури и директното руско влијание. Меѓутоа, повторно причината поради која Русија сака да ја придобие МПЦ на своја страна е нејзината битка за приматот со Константинопол, односно со грчкиот, хеленскиот свет“, истакнува таа.
Од друга страна, пристапот на Србија кон Македонија има подлабока културолошка и историска позадина. Корубин анализира дека на великосрпската идеја ѝ е неопходна македонската основа за да ја позиционира својата средновековна историја, која главно се темели на династијата Немањиќи.
„На српскиот свет му треба културолошката основа на Македонија. Целата историја на Немањиќката династија, започнувајќи од Стефан Првовенчани па до Свети Сава, главниот светител денеска на Српската православна црква, се врзуваат за Македонија“, нагласува Корубин, поставувајќи го прашањето на кој точно начин се прави тоа врзување и присвојување на историјата.
За разлика од руските интереси кои се насочени кон глобален црковен примат, Српската православна црква (СПЦ) има подиректни аспирации кон македонското црковно наследство. Корубин потсетува на неодамнешното минато и постоењето на паралелната Православна Охридска архиепископија (ПОА) во рамките на СПЦ, која подоцна беше интегрирана во македонската црква.
Според неа, СПЦ се обидува да го извлече сопствениот легитимитет токму преку узурпација на Охридската архиепископија, иако, како што заклучува таа, суштински се поставува прашањето каква вистинска историска и духовна врска воопшто има Охридската архиепископија со Српската православна црква.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

