30 јули 2026
• од Темелко Тошев
Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро ја осуди одлуката на Владата да го именува поранешниот вицепремиер за добро владеење, Арбен Фетаи, за нов специјален пратеник во Европската Унија. Од партијата ја нарекоа оваа одлука срамна и скандалозна, оценувајќи ја како „награда за неодговорност“ и директно потценување на граѓаните.
„Ова назначување претставува директен шамар, отворено потценување и вистинско плукање во лице на сите чесни граѓани кои секојдневно се борат за преживување. Владата уште еднаш докажа дека нема ниту осет, ниту срам кога станува збор за трошење на народните пари и поделба на лукративни или измислени фотелји“, реагираат од ЛДП.
Од партијата потсетуваат на периодот кога Фетаи ја извршуваше вицепремиерската функција, обвинувајќи го дека со месеци не се појавувал на работните состаноци и ги бојкотирал владините седници, додека, како што велат, редовно земал функционерска плата и објавувал фотографии од Бангкок.
Според ЛДП, премиерот со оваа одлука не само што се посрамотил, туку и капитулирал. Дополнителен револт кај нив предизвикал фактот што Фетаи за новата функција се пофалил на социјалните мрежи и му се заблагодарил на премиерот во објава напишана исклучиво на албански јазик.
„Каков сигнал испраќа оваа Влада до Брисел кога за специјален претставник именува човек чија единствена докажана „квалификација“ е неработењето и избегнувањето на обврските? Ова е скандалозна порака дека во Македонија неодговорноста се наградува, а државните позиции се користат како приватен банкомат за задоволување на апетитите на власта“, стои во соопштението.
ЛДП бара итна ревизија на одлуката за назначувањето на Фетаи и стопирање на практиката со која, според нив, дипломатијата се претвора во засолниште за партиски кадри без резултати. Тие порачуваат дека граѓаните заслужуваат функционери кои работат во нивен интерес, а не политичари кои си поигруваат со нивното достоинство.
Ахмети: Европскиот пат и Охридскиот договор се темелите на иднината на земјата
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

