30 јули 2026
• од Темелко Тошев
Двајца од вкупно седумте пациенти кои се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести со потврдена западнонилска треска се во критична здравствена состојба и се поставени на механичка вентилација, информира директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана.
Според информациите, станува збор за повозрасни пациенти на 76 и 66 години, кои во моментов се лекуваат на Одделот за интензивна нега. Шеесет и шестгодишниот пациент бил примен на Клиниката на 26 јули, но поради нагло влошување на здравствената состојба бил интубиран. Тој не патувал надвор од државата и имал повеќе придружни заболувања.
Директорот Цана посочи дека дополнително, на Клиниката се примени уште тројца пациенти со дијагноза за акутно воспаление на мозокот и мозочната обвивка. За нив во моментов се чекаат лабораториските резултати од Институтот за јавно здравје за да се потврди дали и тие се заразени со вирусот на Западен Нил.
„Во моментов имаме седум потврдени случаи, а кај уште тројца постои сериозен сомнеж дека станува збор за истата инфекција,“ изјави Цана.
Сите седум потврдени случаи, како и тројцата суспектни пациенти, се жители на неколку различни скопски населби. Само еден од заразените неодамна престојувал во соседна Грција. Сите останати пациенти се на возраст над 60 години и имаат повеќе коморбидитети, но нивната состојба засега е стабилна и се лекуваат според современите медицински протоколи. Цана нагласи дека токму оваа возрасна група е најизложена на ризик од тешка и инвазивна форма на вирусот.
Тој предупреди дека кај пациентите со западнонилска треска може да дојде до неочекувано и нагло влошување на здравствената состојба, поради што е неопходна болничка нега и постојан медицински надзор. Бидејќи за ова вирусно заболување не постои специфична терапија, лекувањето е исклучиво симптоматско – насочено кон ублажување на симптомите и поддршка на виталните функции.
Од Клиниката за инфективни болести уверуваат дека установата е целосно подготвена за прием и соодветно лекување на пациентите. Во меѓувреме, здравствените власти апелираат до граѓаните строго да ги почитуваат препораките за заштита од комарци, со цел да се намали ризикот од натамошно ширење на инфекцијата.
Ахмети: Европскиот пат и Охридскиот договор се темелите на иднината на земјата
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

