28 јули 2026
• од Темелко Тошев
Северна Македонија и официјално останува заглавена на самото дно во Европа. Најновите податоци на Евростат за нивото на цените не се никаква причина за радост, туку суров показател за економската мизерија во која се наоѓа државата. Фактот дека за просечна потрошувачка кошничка во Европската Унија се потребни 100 евра, а во Северна Македонија едвај 50 евра (индекс 49,7), само го потврдува нашиот очаен стандард.
Додека Исланд е на врвот со индекс од 183,7 (речиси 184 евра за истата кошничка), а зад него се Швајцарија, Луксембург, Данска и Норвешка, граѓаните на овие држави уживаат во силни валути, високи плати и висок животен стандард кој без проблем ги покрива нивните трошоци. Од друга страна, нашите смешно ниски цени во европски рамки се само одраз на немоќта на економијата и бедата на населението.
Црна дупка дури и на Балканот
Сликата е катастрофална и кога ќе се споредиме само со нашето опкружување. Во Југоисточна Европа, Северна Македонија е апсолутно најевтината, а со тоа и најсиромашната земја. Позади нас нема никој! Пред нас, со повисоко ценовно ниво и подобар економски амбиент, се дури и Турција (52,2), Босна и Херцеговина (55,7), Романија (58,9), Бугарија (60), Црна Гора (61) и Србија (62,5).
Евтини цени, но мизерна куповна моќ
Експертите предупредуваат дека зад овие навидум „ниски цени“ се крие поразителната реалност која извештајот не ја мери директно – празните џебови на граѓаните. Евростат анализира над 2.000 производи, но овој индекс не ги зема предвид срамно ниските приходи и очајната куповна моќ во Северна Македонија.
Тоа што храната, услугите или транспортот се поевтини во споредба со ЕУ, не значи апсолутно ништо за просечниот граѓанин чија плата не стигнува ни за основно преживување до крајот на месецот. За разлика од земјите како Данска и Луксембург, каде високите цени се пратени со огромни приходи, во Северна Македонија дури и ова „најевтиното“ во Европа е всушност прескапо и недостапно за осиромашениот народ.
Понижувачка улога на „евтина дестинација“
Наместо да градиме стабилна и конкурентна економија, единственото нешто што некои го гледаат како „позитивно“ во овој извештај е понижувачкиот факт дека Северна Македонија е привлечна само како најевтина дестинација за странците. Државата е сведена на евтин пазар каде европските туристи со длабок џеб можат за ситни пари да ги користат нашите ресурси и услуги, додека домашните граѓани остануваат да слугуваат и да се борат за гола егзистенција.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

