21 мај 2026
• од Темелко Тошев
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска упати директен апел до премиерот Христијан Мицкоски и до актуелната власт за заедничко изгласување на уставните измени. Филипче предупреди дека државата се наоѓа во критичен момент и порача дека опозицијата е подготвена да ја сподели политичката одговорност за овој чекор, со цел да не се пропушти историската шанса за продолжување на евроинтегративниот пат.
Клучен момент пред посетата на Антонио Кошта
Филипче нагласи дека времето за носење сериозни одлуки е сега, особено во пресрет на доаѓањето на високи европски претставници во земјава.
„Сметам дека се наоѓаме во едно многу критично време и многу важен момент во кој треба да се донесат многу сериозни одлуки. За нешто помалку од две недели, во посета доаѓа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Кошта пред точно една година, кога беше тука, кажа дека за членство во Европската Унија има само план А и нема план Б. Оттогаш работите не се променети“, истакна Филипче.
Проширувањето е повторно приоритет на ЕУ
Според лидерот на СДСМ, по повеќе од 15 години, во Европската Унија повторно постои силна волја за активирање на процесот на проширување, поттикната од новите геополитички случувања.
„Доколку не се качиме на овој воз, можно е вратите со децении понатаму да бидат затворени. Во следните седумгодишни буџетски рамки на ЕУ нас ќе нè нема, ако не ги направиме потребните чекори“, предупреди тој.
Понуда за заедништво и гаранции за идентитетот
Упатувајќи го повикот до Мицкоски, Филипче потенцираше дека СДСМ нуди партнерство во процесот, по примерот на земјите како Хрватска и Бугарија, каде за време на преговорите сите партии работеле заедно.
„Го повикувам Христијан Мицкоски и власта заеднички да ги направиме уставните измени. Притоа, ќе ја споделиме одговорноста за тој чин, ние како коалиција предводена од СДСМ. Сакам да знае дека ја споделуваме одговорноста за сè што понатаму ќе се случува во текот на преговорите. Иако сум прилично сигурен дека нема да се случи нешто што ќе задира во нашиот идентитет, јазик и култура, сепак ја споделуваме одговорноста и заеднички учествуваме во целиот процес“, дециден е Филипче.
Алтернативата е изолација и сиромаштија
На крајот од своето обраќање, лидерот на опозицијата упати драматично предупредување за последиците доколку државата остане во статус-кво ситуација.
„Ако останеме настрана, нема да имаме шанса, нема да можеме да преживееме. Нема да имаме пари од каде да земеме, ќе тонеме во сиромаштија, а младите ќе заминуваат од земјата. Упатувам јавен повик да го направиме чекорот. Да ја споделиме сите заеднички одговорноста“, заклучи Филипче.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

