01 јуни 2026
• од Темелко Тошев
34% од момчињата и 28,3% од девојчињата на возраст од 7 до 9 години во Северна Македонија се класифицирани како лица со прекумерна тежина или дебелина. Ова се алармантните податоци објавени во најновата анализа за нутритивната средина во училиштата, поддржана од УНИЦЕФ, која открива сериозна слика за здравјето на децата во земјата. Извештајот покажува дека нездравата храна продолжува да доминира во и околу училиштата, додека образовниот систем и државните институции сè уште немаат создадено ефективни политики за заштита на учениците.
Анализата истакнува дека само 35 отсто од училиштата нудат оброци или ужинки за учениците, и тоа главно во основните училишта во урбаните средини. Во дури 93 отсто од случаите, овие оброци се целосно финансирани од самите родители. Загрижува фактот што само едно училиште во земјата нуди исклучиво здрави опции за исхрана, а ниту едно не се снабдува од локални добавувачи. Како единствена светла точка за јавното здравје се истакнува тоа што сите училишта кои самостојно подготвуваат храна користат јодирана сол. Не постои унифицирана државна програма за училишна исхрана, а во средните училишта воопшто не постои организирано обезбедување на оброци. Дополнително, националните стандарди за исхрана во училиштата не дефинираат ограничувања за нездравата храна, па така во кантините паралелно се нудат и здрави производи, но и засладени пијалаци и слатки и солени грицки.
Ситуацијата станува уште позагрижувачка надвор од училишните кантини. Продавниците и киосците во близина на училиштата се преполни со брза храна, при што во дури 98 отсто од училиштата на учениците им е дозволено за време на наставата слободно да купуваат храна надвор од објектот. Продажба на храна и пијалаци се врши во една петтина од училиштата, при што во сите овие случаи се нудат нездрави опции. Сериозен проблем е и несоодветната едукација. Иако 60 отсто од училиштата спроведуваат некаква форма на нутритивна едукација, само едно училиште пријавило дека наставата ја реализира стручно лице оспособено во областа на нутриционизмот. Најчесто овие важни теми ги предаваат психолози или педагози. Истовремено, реакцијата на системот е многу слаба, бидејќи помалку од половина од училиштата ги упатуваат децата кои се под ризик поврзан со исхраната кон соодветните здравствени служби.
Извештајот препорачува итни системски промени преку десет клучни мерки кои треба да се интегрираат во сеопфатна национална стратегија. Главното барање е воведување на универзална политика за бесплатни училишни оброци и зајакнување на нутритивните стандарди со строги ограничувања за нездрава храна. Исто така, се предлага воведување нутритивно профилирање на храната, како и целосна забрана за маркетинг и спонзорства на нездрава храна во и околу училиштата. Меѓу препораките се проширувањето на училишните градини кои моментално постојат во само 5 отсто од објектите, вклучувањето обучен стручен кадар за едукација за исхрана и промовирањето на физичката активност. За заокружување на процесот, експертите препорачуваат стандардизирање на процедурите за упатување кон здравствени служби при проблеми со исхраната, воспоставување цврсти механизми за мониторинг и заштита од судир на интереси од страна на прехранбената индустрија преку ограничување на нивното брендирање во образовните институции.
Во 2023 година во државата беше покрената јавна иницијатива поддржана со над 4.700 потписи, која бараше токму вакво создавање на унифициран систем за бесплатни оброци. И покрај јасниот граѓански апел, иницијативата не наиде на институционална реакција. Инаку, оваа најнова анализа е спроведена во мај и јуни 2025 година од Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, со поддршка на УНИЦЕФ, опфаќајќи 40 репрезентативни училишта.
Пазарот се лади, но не и за нив: Бугарите со рекордно купување недвижности во Грција
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

