27 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Лицата кои покрај психолошкото нарушување имаат сторено и тешки кривични дела, не се под посебен надзор и многу лесно и често бегаат од болницата. Ова е фрапантниот заклучок од вонредниот надзор во психијатриската болница Демир Хисар.
Сериозни безбедносни пропусти во судските одделенија на психијатриските установи во земјава нотира најновиот извештај на Народниот правобранител. Проблемот со (не)обезбедувањето на лицата со психички заболувања кои се сторители на тешки кривични дела е еден од главните акценти во делот за местата за лишување од слобода, казнено-поправните домови и психијатриските установи.
При вонредниот надзор во психијатриската болница во Демир Хисар, тимот на Правобранителот утврдил дека овие специфични пациенти воопшто не се под посебен надзор, што резултира со нивни чести бегства од установата, претставувајќи потенцијална опасност за околината.
Медицинскиот персонал не може да изигрува полиција
За овој горлив проблем веќе подолго време алармираат и самите вработени во психијатриските болници. Како што претходно пренесе телевизија Канал 5 во своја серија прилози, медицинскиот персонал се жали дека бројот на вработени е премал дури и за редовното лекување, а уште помалку за тие да можат да ја преземат улогата на полицајци кои ќе ги контролираат најопасните пациенти.
Сепак, надлежните најавуваат системско решение. Првиот човек на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, потврди дека се подготвуваат нови законски измени со кои конечно ќе се воведе затворска полиција која ќе биде присутна во овие установи и ќе се грижи за безбедноста.
Хаос во затворите и полициските станици
Покрај психијатриските установи, извештајот на Народниот правобранител детектира сериозни слабости и во останатиот дел од казнено-поправниот и полицискиот систем.
Канцеларијата на Омбудсманот посочува на алармантна пренатрупаност во затворите низ државата. Како последица на недостатокот на простор, многу често притворениците се сместени во исти простории со лицата кои веќе издржуваат затворска казна, што е спротивно на правилата.
Состојбата не е идеална ниту во полициските станици. Утврдено е дека недостасуваат униформирани полициски службеници, а дополнителен проблем претставува фактот што во најголем дел од станиците воопшто не постојат посебно адаптирани простории за сослушување на малолетници и деца, што е стандард кој државата мора да го исполни според меѓународните конвенции.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

