15 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Белград повторно испрати загрижувачка порака кон Брисел. Наместо отворен дијалог и соработка со институциите на Европската унија, српското државно раководство избра конфронтација и бојкот. Повод за новата дипломатска тензичност е најавената посета на делегација на Европски парламент, предводена од известувачот за Србија, Тонино Пицула.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека одбива да се сретне со европратениците, тврдејќи дека тие „дошле непоканети“ во Белград. Со ваквата реторика, официјален Белград повторно се обидува да ја прикаже Европската унија како надворешен непријател, наместо како стратешки партнер на кој Србија формално му тежнее.
Пицула остро ги демантираше ваквите тврдења, нагласувајќи дека посетата е уредно најавена и координирана со Амбасадата на Србија во Брисел, како и со Делегацијата на Европска унија во Белград. Според него, станува збор за редовна парламентарна практика, а не за „непоканет упад“, како што се обидува да ја прикаже српската власт.
„Одбивањето средби не е ништо друго освен бегство од суштински разговори со оние што реално одлучуваат за европската иднина на Србија“, порача Пицула, укажувајќи дека Европскиот парламент има клучна улога во верификацијата на секој пристапен договор. Со други зборови, без доверба и транспарентност пред европратениците, европскиот пат на Србија останува само декларативна флоскула.
Известувачот потенцираше дека ЕУ не поставува „нефер“ услови, туку очекува исполнување на обврски на кои самата Србија се согласила: усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика, вистински демократски избори и слободни медиуми. Наместо тоа, Белград продолжува да одржува блиски односи со недемократски режими и да ги игнорира реформите, додека од Брисел очекува политички отстапки.
Дополнителна тежина на бојкотот даде и изјавата на претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, која најави дека нема да се сретне со европската делегација, повикувајќи се на службено патување во Естонија. Во исто време, Вучиќ ќе престојува во Давос на Светски економски форум – уште еден показател дека српското раководство повеќе вложува во меѓународен имиџ отколку во суштински европски реформи.
Мисијата на Европскиот парламент ќе престојува во Белград од 22 до 24 јануари, со цел да разговара со претставници на опозицијата, граѓанскиот сектор и академската заедница – токму оние гласови што српската власт систематски ги маргинализира. За Европа, пораката е јасна: дијалогот со граѓаните е поважен од протоколарните изговори на една власт која сè повеќе се оддалечува од европските вредности.
Од македонска перспектива, овој случај е уште еден доказ дека европската интеграција не е реторика, туку одговорност. За разлика од Србија, која бега од критички разговори, земјите што искрено го избрале европскиот пат знаат дека транспарентноста, дијалогот и почитта кон институциите се единствениот начин напред.
СДСМ прашува: Каде ја води Мицкоски Македонија – на иста листа со Сомалија?
Левица: Пратениците повторно испумпале 14,4 милиони денари за патни трошоци
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

