13 октомври 2026
• од Темелко Тошев
Бугарија ќе побара Советот за безбедност на Обединетите нации да расправа за зачестените напади врз трговски бродови во Црното Море. Бугарската претседателка Илијана Јотова најави дека земјата не ја исклучува можноста за активирање на член 4 од договорот на НАТО, по најновите напади врз два брода во близина на бугарскиот брег.
Во изјава за бугарската телевизија НОВА, Јотова објасни дека Софија работи на заедничка дипломатска иницијатива со Романија и Турција, чија цел е да се запрат нападите и да се обезбеди безбедна пловидба во целиот Црноморски регион.
Бугарија ќе побара и безбедноста во Црното Море да биде посебна итна точка на состанокот на Европскиот совет на 15 и 16 октомври во Брисел.
Јотова посочи дека активирањето на член 4 од НАТО, кој предвидува консултации меѓу сојузниците кога е загрозена безбедноста на некоја членка, би имало поголема тежина доколку биде заедничка иницијатива на повеќе држави, меѓу кои Бугарија и Романија.
Претседателката потврди дека НАТО веќе разгледува дополнителни мерки за безбедност во регионот. Тие вклучуваат помош при истрагата за нападнатите бродови, како и дополнителни системи за надзор и заштита.
Најновите напади се случија во близина на бугарското крајбрежје, каде што два трговски брода беа погодени со дронови. Од едниот брод се спасени сите 15 морнари, додека вториот потона. Според досегашните информации, од неговиот екипаж се спасени пет лица, а по останатите 11 сè уште се трага.
Причините за нападите и потеклото на дроновите сè уште се утврдуваат. Бугарија бара брза истрага и меѓународна координација за спречување нови инциденти, предупредувајќи дека загрозувањето на пловидбата во Црното Море може да има сериозни последици за европската безбедност и светската трговија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

