16 мај 2026
• од Темелко Тошев
Младата Кочанка Ива Михаилова, која веќе седум месеци минува низ вистински правен и здравствен пекол по тешката сообраќајна несреќа што се случи на 7 октомври минатата година, во своето гостување во подкастот „Почетна пресметка“ изнесе шокантни детали за ноќта на несреќата и односот на институциите кон неа.
Михаилова, која поради сериозни повреди на 'рбетот моментално се соочува со делумна параплегија и парализа на левата нога, јавно се сомнева дека целиот случај е монтиран со цел да се сокрие вината на полицијата, додека судот упорно одбива да ѝ ги врати пасошите за да замине на итно лекување во странство.
Во своето сведоштво, Михаилова детално ја опиша хронологијата на настанот што се случи на патниот правец Делчево-Штип, поточно кај исклучувањето за Кочани. Таа тврди дека директен причинител за хаосот на патот било непрописно поставено полициско возило.
„Јас си возев во насока спрема Штип. Во еден момент видов полиција којашто беше паркирана на лентата која е наменета за исклучување за Кочани. Свесно знам дека таа полиција нема право да стои таму. Во истиот тој момент, тие сопреа уште едно возило за контрола, кое всушност го попречи патот на другата кола што доаѓаше спроти мене“, објаснува Михаилова.
За да го одмине сопреното возило и паркираната полиција, автомобилот од спротивната насока навлегол директно во лентата на Ива.
„За да ги одмине нив, возилото влезе во мојата лента и ме удри од мојата лева страна. Мојата кола удри уште еднаш во заштитната ограда и така настана сообраќајката“, вели таа.
Во несреќата, за жал, загина сопатник во другото возило, но наместо објективна истрага за тоа кој го предизвикал фаталниот маневар, целиот товар паднал врз младата девојка.
Михаилова потенцира дека институциите реагирале со сомнителна брзина за да ја прогласат за виновна, уште пред воопшто да бидат направени основните стручни анализи на теренот.
Поради лошите услови во кочанската болница, таа истиот ден била префрлена во приватната болница „Аџибадем Систина“ во Скопје. Таму, по само неколку часа од несреќата, се соочила со шокантен притисок од полициските службеници.
„Кога пристигна полиција, без уште да биде готово вештачењето за самата незгода и без воопшто да се знае кој е виновен, тие одредија дека јас сум виновна. Веднаш ми ги земаа и бугарскиот и македонскиот пасош за да не ја напуштам државата“, открива Михаилова во подкастот.
На прашањето на водителот дали смета дека се работи за монтиран случај и хајка против неа, Михаилова одговори потврдно:
„Со таков впечаток остануваме сите ние.“
Додека обвинителството ја одолговлекува постапката и одбива да ги сослуша предложените сведоци кои можат да ги потврдат пропустите на полицијата, здравствената состојба на Ива драматично се влошува.
Поради сериозниот притисок врз нервите на 'рбетот, лекарите препорачуваат итна операција во странство (Турција, Израел или Бугарија) за имплантација на специјална пумпа – интервенција која не се изведува во Македонија. Сепак, Основниот суд во Кочани веќе двапати го одбива нејзиното барање за привремено враќање на патните исправи со образложение дека „состојбата не ѝ го загрозува животот“.
Одбраната сега нуди и гаранција со недвижен имот, додека Михаилова од болничкиот кревет апелира за хуманост и почитување на нејзините основни човекови права, предупредувајќи дека секој изминат ден ја води поблиску до траен инвалидитет.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

