15 мај 2026
• од Темелко Тошев
Политичката партија Левица излезе со сериозни обвинувања во јавноста, тврдејќи дека директорката на Јавното претпријатие Национален парк „Галичица“, Фросина Ѓорѓиевска, континуирано и грубо го злоупотребува службеното возило на претпријатието за лични и семејни потреби.
Според информациите и фотографиите кои партијата ги добила од свиркачи од Ресен, возилото повеќе од една година секојдневно се користи на релација Ресен-Охрид-Ресен за приватни цели, наместо за потребите на институцијата со која таа раководи.
Од Левица посочуваат дека возилото редовно е паркирано на јавни површини во близина на семејниот дом на директорката во Ресен, со што дополнително се узурпира јавниот простор. Меѓутоа, уште позагрижувачки се сведоштвата на граѓаните дека автомобилот не го вози само таа.
„Граѓаните сведочат дека службеното возило не го управувала само директорката, туку и членови на нејзиното семејство, што претставува грубо прекршување на правилата за користење на државен имот“, реагираат од опозициската партија.
Како посебно скандалозен дел од реакцијата се издвојуваат тврдењата дека државниот ресурс се користел и за приватни земјоделски активности. Според партијата, службениот автомобил бил забележан како се користи за одење до јаболкови насади во селото Волкодери, но и за превоз на работници кои биле ангажирани на приватните посеви на директорката.
„Доколку овие информации се точни, станува збор за класичен пример на злоупотреба на државни ресурси и арогантно самоволие на функционер поставен да раководи со јавна институција“, стои во партиското соопштение. Од Левица додаваат дека Ѓорѓиевска е поставена на оваа позиција како кадар на партијата ЗНАМ, без соодветно претходно искуство за менаџирање со јавни претпријатија.
Ова не е првпат директорката на НП „Галичица“ да се најде во центарот на вниманието на јавноста. Изминатиов период против неа веќе беше поднесена кривична пријава за дозволување на градежни активности во строго заштитената зона на паркот „Галичица“.
Од Левица обвинуваат дека и покрај покажаната неспособност за управување и злоупотребата на државните капацитети, таа сè уште ужива целосна заштита од власта. Партијата упати итни барања до надлежните органи:
„Државните институции не смеат да бидат приватни сервиси на партиски функционери. Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, функционери на власта со службени возила секојдневно си ги завршуваат приватните обврски на товар на народот“, заклучуваат од Левица.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

