05 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Прашањето дали правосудниот испит може да се полага на албански јазик повторно беше отворено на собраниска седница. Пратеникот од Европскиот фронт, Скендер Реџепи, истакна дека не сака да му постави прашање на министерот за правда, бидејќи, како што рече, министерот користи шовинистички речник и не заслужува да му се обрати. Затоа, одговор побара директно од премиерот Христијан Мицкоски.
Реџепи нагласи дека пред себе го има Законот за полагање на правосудниот испит и јавно го праша премиерот во кој член од законот е наведено дека испитот мора да се полага исклучиво на македонски јазик.
„Сметам дека не треба да му давам луксуз на министерот за правда да му поставувам прашање, затоа што неговиот шовинистички речник, кој се крие зад лажен патриотизам, не заслужува да му се обратам. Премиере, пред мене е Законот за полагање на правосудниот испит и ве прашувам јавно да ми кажете и на јавноста во кој член од овој закон пишува дека правосудниот испит мора да се полага на македонски јазик“, изјави Скендер Реџепи од Европскиот фронт.
Премиерот Христијан Мицкоски, повикувајќи се на Уставот, одговори дека за да се овозможи полагање на правосудниот испит на албански јазик потребно е тоа да се усогласи со законската рамка. Тој додаде дека Владата веќе работи на изнаоѓање решение за ова прашање.
„Во органите на државната власт во Република Македонија може да се користи и друг службен јазик покрај македонскиот, во согласност со закон. Доколку го прочитате Законот за јазиците, ќе заклучите дека тој е општ закон (lex generalis) и не може да го надмине специјалниот закон (lex specialis), каков што е Законот за правосудниот испит. Како Влада, иако немам време подетално да одговорам, накратко ќе кажам дека бараме начин и ќе го најдеме тој начин“, изјави премиерот Мицкоски.
Минатата недела, министерот за правда, на прашањето дали останува на ставот дека не постои можност правосудниот испит да се полага на албански јазик, кратко одговори дека за него тоа прашање е затворено.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

