21 јули 2026
• од Темелко Тошев
Скандалозни наоди го тресат Гостивар. Граѓаните на оваа општина од 26 јуни до 16 јули пиеле вода од чешма загадена со фекалии, покажуваат официјалните резултати од мострите земени од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), кои ги објави Основното јавно обвинителство (ОЈО).
Цели 20 дена, пумпи влечеле отпадна вода директно во централната водоводна мрежа. Во овој период, гостиварци оваа вода ја користеле за пиење, туширање и за сите останати потреби во домаќинствата. Проблемот бил стопиран дури на 16 јули, кога Обвинителството започнало истрага.
Анализите на ИЈЗ, направени по наредба на јавен обвинител, потврдиле дека површинската вода од отворениот канал била екстремно загадена и апсолутно неупотреблива.
ОЈО децидно посочува дека поради ваквата висока загаденост, водата станала целосно небезбедна за човечка консумација.
Познатиот микробиолог д-р Никола Пановски појаснува што точно значи присуството на колиформни бактерии во вакви огромни количини.
„Името го носат по бактеријата ешерихија коли, а тоа коли е од колон (дебело црево). Тука спаѓаат и протеус, клебсиела итн. Сите овие бактерии во огромен број ги има кај секој човек во цревата и се исфрлаат преку фецесот. Тие се индикатори за фекално загадување на водата. Значи, ако има такви бактерии во водата, има мешање на водата со фецес.“
Д-р Пановски додава дека иако самите бактерии можеби не се директно опасни при пиење, тие се јасен индикатор дека во водата може да се наоѓаат сериозни патогени како салмонела, шигела, вируси (на пр. хепатитис А), па дури и паразити.
Дополнителните анализи на примерок земен од чешма на ул. „ЈНА“ во Гостивар откриле уште еден загрижувачки податок – високо присуство на хлор.
Концентрацијата на резидуален хлор изнесувала 1,1 мг/л, што е драстично отстапување од максимално дозволените 0,5 мг/л (идеалниот опсег е од 0,2 до 0,3 мг/л). Се претпоставува дека одговорните се обиделе да го „покријат“ загадувањето со прекумерно хлорирање на водата.
ОЈО Гостивар веќе покрена истрага за кривично дело „тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење“. Осомничени и лишени од слобода се три раководни лица од ЈП „Комуналец“ – Гостивар:
Како дошло до загадувањето? На 25 јуни, осомничените дале налог да се постават три потопни пумпи во канал со загадена површинска вода, наводно за да го тестираат притисокот. При увидот на 16 јули, било констатирано дека две од пумпите сè уште работат и преку црева ја префрлаат фекалната вода директно во затворениот систем за вода за пиење кој го снабдува Гостивар и околните села.
Единственото прашање кое засега останува нејасно е како Центарот за јавно здравје – Тетово на 29 јуни издал наод, потпишан од лекар, во кој се тврди дека водата е добра за пиење.
Јавниот обвинител во текот на утрешниот ден ќе одлучи какви мерки за обезбедување ќе побара за приведените лица, додека истражните дејствија продолжуваат.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

