16 август 2026
• од Темелко Тошев
Политичкото, економското и културното влијание на Србија во земјава е само последица на еден многу подлабок историски наратив, кој своите корени ги влече уште од времето на Кралството Србија. Ова го истакнува Никица Корубин, анализирајќи го концептот на „српскиот свет“ кој, според неа, претставува културолошки феномен на територијални претензии преку узурпирање на историјата.
Според Корубин, на српскиот наратив му е потребна македонската територија за да ја постави основата за сопствената историја. Меѓутоа, таа посочува дека оваа верзија на историјата не е базирана на факти, туку на фикција.
„Центарот на српскиот наратив е сепак Македонија и во таа смисла српскиот феномен, српскиот свет го сметам за еден културолошки феномен на територијални претензии преку узурпирање на историјата“, истакнува Корубин.
Таа додава дека српската средновековна историја во голема мера го узурпира пред сè византиското наследство во Македонија (а делумно и во Косово), процес кој често поминува „под радарот“ на пошироката јавност.
Корубин предупредува дека модерните форми на влијание се само површината на проблемот и дека тие не би можеле да опстојат без претходно подготвен терен.
„Ние го гледаме политичкото влијание, влијанието преку современата музика или турбофолкот, како и финансиското и економското влијание. Меѓутоа, сето тоа е пост фестум. Тоа нема да може да се реализира доколку ја нема основата“, објаснува таа.
Според нејзината анализа, оваа основа за континуирано влијание не е создадена во поновата историја по осамостојувањето во 1991 година, туку многу порано.
„Основата е создадена од Кралството Србија, односно нивното изворно перцепирање на Македонија како изворно српска територија и српска земја, што е многу важно“, заклучува Корубин, деконструирајќи ја позадината на историските и културните наративи кои сè уште се присутни на овие простори.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

