16 август 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во свое излагање отвори интригантна тема за македонската историја – вистинската судбина на делегатите кои учествуваа на Првото заседание на АСНОМ. Според неговите зборови, историската слика е далеку од идеална, бидејќи најголемиот дел од креаторите на државата биле маргинализирани, затворени или целосно избришани од историските читанки.
Осврнувајќи се на самите почетоци на македонската државност, Георгиевски посочува дека Првото заседание на АСНОМ започнало со сериозен недостаток на делегати, односно од вкупно поканетите, присуствувала само половината.
„Кога зборуваме за АСНОМ треба да кажеме дека тогашниот Народен фронт има повикано 116 луѓе. Од нив само 60 дошле. Значи АСНОМ практично работи без кворум и тоа треба да го знаеме“, истакнува Георгиевски.
Уште позагрижувачки, според него, е фактот што за голем дел од присутните делегати денес не постои никаква историска трага, што отвора сериозни прашања за односот кон оваа генерација.
„Од тие 60 што биле присутни, денес ако отидете на интернет и го погледнете списокот, ќе видите дека за 20 од нив нема апсолутно никаков податок. Дваесет проценти – го имате само името, но нема биографија и не знаеме што се случило со нив. За уште 10 отсто од нив има само информации што работеле дотогаш, а што понатаму – исто така не можете да откриете. Како е можно за луѓето од оваа генерација, АСНОМ-ците, ништо да не знаеме?“, прашува Георгиевски.
Георгиевски понатаму ја објаснува политичката чистка што следувала во повоениот период. Голем дел од основачите на државата се соочиле со прогон од самиот систем што го создавале.
Според неговите проценки, помеѓу 20 и 30 проценти од делегатите на АСНОМ настрадале во периодот на Информбирото, откако се определиле за Сталин, по што биле затворени и испратени во логори.
„Сите други се уништени и затворени. Прашање е дали дури и 10 проценти од нив останале и понатаму да владеат во комунистичка Македонија“, заклучува тој, додавајќи дека ваквите примери мора да се споменуваат за да се добие појасна слика за тој период.
Овие тврдења фрлаат поинакво светло врз раната историја на македонската држава и отвораат простор за историски преиспитувања за трагичната судбина на луѓето кои ги удрија темелите на современа Македонија, а кои подоцна станале жртви на самиот режим.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

