05 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Во Македонија има повеќе од 90 илјади невработени лица. Недостатокот на квалификации, ниското ниво на образование, како и стравот од губење на социјалните бенефиции или разликата меѓу социјалната помош и платата се меѓу главните причини поради кои голем број граѓани остануваат без работа.
Според најновите податоци, во земјата има речиси 710 илјади лица кои се во редовен работен однос. Во исто време, околу 91 илјада граѓани активно бараат ново вработување, а стапката на невработеност изнесува 11,4 проценти. Сепак, уште позагрижувачки е фактот што околу 715 илјади лица се водат како економски неактивни. Тоа значи дека тие не работат, не бараат работа и не се евидентирани во Агенцијата за вработување.
Дополнително, статистичките податоци покажуваат дека приближно 90 илјади луѓе во земјата работат нелегално, односно во неформалната економија.
Од вкупниот број невработени лица, 57,9 проценти се мажи, а 42,1 проценти се жени. Бројот на вработени лица бележи благ раст од 0,6 проценти. Кај вработените, 57,8 проценти се мажи, додека 42,2 проценти се жени. Во меѓувреме, процентот на неформално вработување е во опаѓање. Неформално вработени се 90.293 лица, што е за 10,3 проценти помалку во однос на претходниот квартал. Најголем дел од нив, односно 45,9 проценти, работат во секторот земјоделство, шумарство и рибарство, додека 16,9 проценти се ангажирани во градежништвото.
Државата секоја година издвојува сè повеќе средства за зголемување на вработеноста. Оваа година буџетот за овие мерки достигнува 42 милиони евра. Постојат различни програми за поддршка на одредени категории граѓани, како и значителни фондови кои државата ги нуди за започнување сопствен бизнис.
Од Министерството за економија информираат дека буџетот за активните мерки за вработување е зголемен за 1,6 милиони евра во споредба со Оперативниот план за вработување за 2025 година. Најголем интерес има за мерките наменети за млади лица до 29 години, чија застапеност изнесува 86,5 проценти, додека жените учествуваат со околу 40 проценти.
Најпопуларни остануваат програмите за самовработување, обуки и практикантство, што укажува на зголемен интерес за активно вклучување на граѓаните на пазарот на трудот. Сепак, дел од пилот-мерките, особено оние поврзани со ИТ-секторот и основните дигитални вештини, сè уште се во рана фаза на развој. Потребно е дополнително зајакнување на процесите на селекција и јавни набавки за нивна целосна реализација.
И покрај тоа што македонската економија располага со работоспособна и квалификувана работна сила, бизнис секторот сè почесто е принуден да бара работници од странство. Увозот на работна сила е особено забележлив во услужниот сектор, градежништвото и сродните индустрии. Ова укажува на несоодветност меѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот, што останува еден од клучните предизвици за економијата на земјата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

