12 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Решението за земјата е само едно – македонските лидери навистина да бидат Македонци какви што тврдат дека се и вистински да го штитат македонскиот дневен ред, наместо да прават претстави. Оваа порака ја упати новинарот и сопственик на бугарската информативна агенција БГНЕС, Љубчо Нешков, при неговото гостување во утринската програма на бугарската телевизија БТВ.
Критикувајќи го однесувањето на политичкиот врв во Скопје, Нешков истакна дека лидерите пречесто прават „шоу со ниско ниво на англиски јазик (TOEFL)“, додека вистинските проблеми на граѓаните остануваат нерешени, а државата потпаѓа под туѓи геополитички влијанија.
Според Нешков, високата поддршка за Европската Унија меѓу македонската јавност не е случајна. Таа произлегува од фактот што токму обичните граѓани се оние кои ја плаќаат најголемата цена од изолацијата на државата, за разлика од политичката елита.
„71,5 % од македонските граѓани сакаат влез во ЕУ. Зошто го сакаат тоа? Затоа што тие ја плаќаат цената. Не ја плаќа Мицкоски, бидејќи тој нема проблеми, а нема ни неговото опкружување. Бугарско, чешко, унгарско – и јас веќе не знам какви сè државјанства поседуваат. Тоа за нив не е проблем и не им смета на нивниот идентитет. Граѓаните сакаат членство во ЕУ бидејќи социјално-економскиот притисок врз населението е брутален“, нагласи Нешков.
Тој ја опиша судбината на Македонија како „многу тажна“, особено посочувајќи на пустата и неразвиена граница со Европската Унија.
Анализирајќи ги македонско-бугарските односи, новинарот оцени дека моменталната стагнација и недостатокот на движење меѓу Софија и Скопје е вештачка состојба која му одговара единствено на Белград.
Осврнувајќи се на неодамнешната посета на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Софија, сопственикот на БГНЕС смета дека фокусот на маргинални прашања, како јазикот на обраќањето или протоколот со знамињата, воопшто не е на дневниот ред ниту на ЕУ, ниту на самата Македонија.
Тој ја критикуваше претседателката за пропуштената прилика суштински да го одбрани македонскиот идентитет токму од Софија. „Тие дури и не се однесуваат како Македонци. За нив основното прашање од наутро до вечер е за т.н. идентитет, јазик и националност, кои ние ги признаваме. На прашање од бугарски новинар како ќе реагира во врска со нападите врз нивниот идентитет од страна на Србија, таа избувна. Не е ли Софија најдоброто место да говориш на македонски, бидејќи тоа е дел од твојата стратегија?“, прашува Нешков, подвлекувајќи дека вовлекувањето во оваа дебата е исклучително опасно бидејќи е „туѓа“ и не работи во полза на Македонија.
На прашањето кој има вистински интерес од ваквите дебати и тензии, Нешков се повика на официјални европски документи. „Веќе е напишано црно на бело во десетици документи на ЕУ. Пред два дена во комисијата AFET, во последниот извештај за Македонија, јасно стои терминот Српски свет“, потсети тој.
Во своето гостување, Нешков како познавач на балканската политика, посвети сериозно внимание и на односот на Брисел кон Белград. Тој изнесе став дека Европската Унија не пристапува со потребната сериозност и посветеност кон режимот предводен од Александар Вучиќ, игнорирајќи ги проблемите и нестабилноста што тој ги генерира низ целиот регион.
Нови мерки против пожарите: Од 1 јули се забранува движење во шума без дозвола
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

