07 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Српскиот опозициски лидер Драган Ѓилас изјави дека Бугарија и Србија во 2008 година тргнале од приближно исто ниво на бруто-домашен производ, но денес Бугарите се околу 80 проценти побогати од Србите, пред сè поради членството на Бугарија во Европската унија. Изјавата ја даде во интервју за телевизијата N1, посочувајќи ја Бугарија како пример за значењето на европската интеграција за Србија.
„Ќе кажам само дека во 2008 година ние и Бугарите започнавме од исто ниво на БДП. Тие станаа членка на ЕУ, а ние ни до денес не успеавме. Денес Бугарите се 80 проценти побогати од нас“, изјави Ѓилас.
Според него, токму европската перспектива е клучна за економскиот и демократскиот развој на Србија. Во тој контекст, пет опозициски формации во земјата постигнале договор за заеднички проевропски дејствувања.
„Европското движење во Србија нè обедини за да се подготвиме за доаѓањето на мисијата на Европскиот парламент, за која побаравме уште пред две години, кога се боревме за фер изборни правила“, истакна Ѓилас.
Тој додаде дека проевропските партии имаат намера детално да ја претстават реалната состојба во Србија пред делегацијата на Европарламентот, особено во однос на изборните нерегуларности, демократските дефицити и состојбата со човековите права.
Како пример, Ѓилас ја наведе улицата Прешернова во Белград, каде, според него, пред изборите биле пријавени 51 лице да живеат во една барака, а во близина и зграда во која биле регистрирани околу 200 лица. „Преку сè што ќе организираме, тие ќе можат да го разберат обемот на ситуацијата во Србија: кражбата на изборите, недостатокот на демократија, немањето слобода на медиумите, кршењето на сите можни права и прекумерната употреба на сила од страна на полицијата. Протестите на студентите и граѓаните открија многу работи“, рече тој.
Ѓилас нагласи дека опозицијата не очекува некој од Европа да дојде и да ја управува Србија, но потсети дека земјата е кандидат за членство и дека прифатила одредени обврски и правила кои мора да се почитуваат. Според него, јасно е дека претседателот Александар Вучиќ нема вистинска волја за пристапување кон ЕУ, иако Србија е финансиски и трговски зависна од Унијата.
Тој исто така предупреди дека во јавноста сè почесто се споменуваат можни лични санкции, при што дел од бизнис-елитата стравува да не се најде на списокот на санкции на САД, а се очекува и други држави да го следат тој пример во наредните месеци.
На крајот, Драган Ѓилас повторно побара оваа година во Србија да се одржат предвремени парламентарни избори, во согласност со најавите што неодамна ги даде претседателот Александар Вучиќ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

