16 септември 2026
• од Темелко Тошев
Европската комесарка за проширување, Марта Кос, за време на дебатата во Европскиот парламент посветена на погребот на воениот злосторник Ратко Младиќ и глорификацијата на воените злосторства во Србија, истакна дека стабилноста и напредокот на Западен Балкан се од стратешки интерес за Европа, при што Србија има централна улога и одговорност во тој процес.
Кос посочи дека настаните од изминатиот период потсетуваат колку е тешко соочувањето со едно од најмрачните поглавја во поновата европска историја и големите страдања предизвикани од војните во поранешна Југославија.
„ЕУ е солидарна со сите жртви на воени злосторства, преживеаните и нивните семејства. Србија, со поднесувањето апликација за членство во ЕУ, се обврза да ги почитува европските вредности и принципи“, изјави таа, додавајќи дека величањето на воените злосторници и негирањето на геноцидот се неспоиви со европските вредности и за нив нема место во Унијата.
Осврнувајќи се на нејзината посета на Сребреница минатата година, Кос нагласи дека е несфатливо некој што е одговорен за такви злосторства да се слави како херој. Според неа, сликите од погребот на Младиќ се крајно вознемирувачки, укажуваат на неуспех во соочувањето со минатото и се во спротивност со темелите на европската интеграција. Таа изрази посебна загриженост од присуството на министри, функционери и претставници на српската војска, како и политичари од Република Српска на самиот погреб.
Европската комисија упати повик до српските власти и до сите политички чинители во регионот активно да придонесат кон помирувањето и градењето добрососедски односи. Сепак, Кос подвлече дека видените сцени не го претставуваат целокупното српско општество.
„Многу граѓани од Србија и од регионот ми пишаа, изразувајќи противење на величањето на воените злосторници. Затоа знам дека Србија е повеќе од тоа. Србија се нејзините граѓани, младите, претприемачите, службениците, уметниците и новинарите кои сакаат нивната земја да оди напред, кои сакаат да живеат во слободна, демократска и европска Србија. Таа Србија заслужува да биде слушната и поддржана, и за неа има место во Европа“, порача комесарката.
На крајот од своето обраќање, Кос потенцираше дека достоинството на жртвите на геноцид и воени злосторства не може да биде предмет на преговори. Европа, како што наведе, никогаш нема да бара од Србија да го негира својот идентитет и историја, но ќе инсистира на искрено соочување со минатото. Таа заклучи дека Европската комисија ќе направи сè што е во нејзина моќ за да го поддржи европскиот пат на Србија.
Бугарија е подготвена за најмасовното Европско првенство во бокс во историјата
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

