16 септември 2026
• од Темелко Тошев
Случаите поврзани со третманот на пациентите во Општата болница во Охрид и нејзиниот директор, д-р Горан Марковски, продолжуваат да ја брануваат јавноста. Јована Мојсоска од „Левица“ објави ново сведоштво на родилка, кое повторно го отвора прашањето за квалитетот на здравствената нега и потребата од итен инспекциски надзор во оваа установа.
Игнорирање на симптомите и отсуство на лекарски преглед
Според објавеното сведоштво, агонијата на пациентката почнала три недели пред породувањето, кога таа се јавила во болницата поради намалени движења на плодот. Откако била приклучена на ЦТГ апарат, биле забележани промени во пулсот на бебето при контракциите.
Дежурен лекар таа вечер бил директорот на болницата, д-р Горан Марковски. Како што тврди родилката, и покрај професионалниот однос на акушерките, д-р Марковски воопшто не дошол лично да ја прегледа, ниту пак разговарал со неа. Тој само го погледнал ЦТГ-наодот, проценил дека е во ред и наредил таа да биде пуштена дома.
Три недели подоцна, жената повторно била примена во истата болница, каде новото ЦТГ покажало сериозно опаѓање на пулсот на бебето. Лекарскиот тим морал веднаш да реагира и донел одлука за итен царски рез поради фетален дистрес. Иако интервенцијата поминала успешно и родилката вели дека не ја оспорува работата на оперативниот тим, останува нејзината дилема – дали уште при првото јавување во болницата требало да се направи подетална лекарска проценка?
Отпуст без насоки и опасен пропуст со терапијата
Според зборовите на родилката, проблемите продолжиле при нејзиното испишување од болницата. Визитата на денот на отпустот ја вршел д-р Марковски, кој, како што тврди таа, не ѝ поставил ниту едно детално прашање за нејзината здравствена состојба, болките или оперативната рана. Што е уште позагрижувачки, при напуштањето на болницата таа не добила никакви јасни насоки за понатамошна терапија, контроли или домашна нега.
Родилката воопшто не била информирана дека треба да прима „Клексан“, ниту пак била упатена да ја испита вредноста на Д-димерите.
Случајноста спречила поголеми компликации. Околу една недела по породувањето, нејзиниот сопруг и мајка случајно сретнале докторка од болницата, која ги прашала како родилката ја поднесува терапијата со „Клексан“. Откако разбрала дека жената воопшто не прима ваква терапија, докторката веднаш ги упатила да направат анализи. Резултатите покажале алармантни вредности на Д-димерите (над 3.000), по што веднаш ѝ била препишана терапија со „Клексан“ двапати дневно.
„Како родилка, очекував основна медицинска сигурност: кога ќе се јавам поради намалени движења на плодот, да бидам соодветно прегледана и проценета; кога ќе имам итен царски рез поради фетален дистрес, по операцијата да бидам внимателно следена; а при отпустот да добијам јасни информации за терапијата, потребните анализи, контролите и домашната нега“, истакнува жената во своето сведоштво.
Повик за одговорност и инспекциски надзор
Пренесувајќи го ова сведоштво, Јована Мојсоска јавно прашува зошто надлежните молчат.
„Дали партиските заслуги на поранешниот советник во Советот на Општина Охрид, а сега директор на болницата, се доволна причина Министерството за здравство и министерот да не иницираат вонреден инспекциски надзор во охридската болница?“, прашува таа.
Мојсоска го критикува целокупното управување со јавното здравство, посочувајќи го фрапантниот податок дека само во текот на минатата година граѓаните оставиле повеќе од 100 милиони евра во приватните клиники, барајќи соодветен третман и сигурност кои очигледно недостигаат во државниот систем.
Бугарија е подготвена за најмасовното Европско првенство во бокс во историјата
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

