25 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Иако клубот неодамна доби реновирана сала, чие отворање беше јавно промовирано од страна на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, состојбата во редовите на КК Работнички е далеку од стабилна. Играчите и стручниот штаб излегоа со остро соопштение до јавноста, посочувајќи сериозни финансиски и организациски проблеми.
Во реакцијата се наведува дека на кошаркарите им се должат осум плати, што, како што потенцираат, претставува сериозен удар врз нивната егзистенција, семејствата и професионалното достоинство. Тие оценуваат дека не станува збор само за финансиска криза, туку за системско непочитување на луѓето кои го претставуваат клубот.
Според нив, со месеци предупредувале дека состојбата е алармантна, но наместо конкретни решенија добивале молк, празни ветувања и избегнување на одговорност.
Играчите и стручниот штаб тврдат дека тимот функционира во недостоинствени услови – без основна опрема и елементарна логистика. Посочуваат дека на гостувањата често се оставени сами на себе, без сигурен превоз, а во одредени ситуации навивачите ги покривале трошоците за патување.
Дополнително незадоволство предизвикал фактот што ниту еден член од тимот не бил поканет на официјалното отворање на реновираната сала, која ја нарекуваат своја „куќа“. Овој потег го оценуваат како јасен сигнал за односот на раководството кон играчите и стручниот кадар.
Во соопштението директно се посочува дека ветувањата дадени од градоначалникот не биле исполнети, при што се тврди дека во неколку наврати биле доведени во заблуда. Воедно, се наведува дека спортскиот директор со недели не одговарал на телефонски повици и пораки, со што, според нив, практично била прекината комуникацијата со тимот.
Ваквиот однос го оценуваат како неодговорен и недозволив за клуб со ваква историја и реноме во македонската кошарка.
Играчите и стручниот штаб јавно најавуваат дека, доколку во најкраток рок не бидат подмирени заостанатите обврски и не се преземат конкретни чекори за стабилизација, нема да настапат на следните натпревари. За евентуалниот бојкот, како што наведуваат, целосната одговорност ќе ја сносат раководните структури и институциите.
Тие нагласуваат дека не бараат привилегии, туку основни услови за работа, почит и исполнување на договорните обврски, додавајќи дека секое понатамошно игнорирање ќе значи дополнително нарушување на спортскиот интегритет на клубот.
Во спортски аспект, Работнички моментално се наоѓа во долниот дел од табелата во македонскиот шампионат, што дополнително ја отежнува ситуацијата. Со оглед на внатрешните проблеми и неизвесноста околу финансиската стабилност, продолжението од сезоната се најавува како исклучително предизвикувачко.
Од таборот на клубот порачуваат дека остануваат обединети и решителни да се изборат за своите права и достоинство, истакнувајќи дека Работнички е поголем од сите поединци – но без луѓето кои играат и работат во него, клубот не може да опстои.
Прв ден без прекршок за поминување на црвено од стартот на „Безбеден град“
Бугарија меѓу водечките дестинации за германски инвестиции во Југоисточна Европа
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

