14 мај 2026
• од Темелко Тошев
Ива Михаилова од Кочани, веќе седум месеци се наоѓа во правен и здравствен агонизирачки лавиринт. Додека правниот систем ја држи под обвинение за сообраќајна несреќа со смртен исход, нејзиното тело полека се предава на парализата. И покрај итната потреба од операција која не се изведува во Македонија, судот одбива да и ги врати патните исправи, оставајќи ја во неизвесност меѓу правдата и правото на живот.
Михаилова јавно проговори за кобниот ден, тврдејќи дека несреќата била предизвикана од друго возило кое се обидело да избегне полициска контрола. Според нејзиното сведочење, возилото кое доаѓало од спротивната насока, наместо да забави пред полицискиот пункт, влегло во нејзината лента при обид за претекнување.
„Се судривме директно. Моето возило беше оттурнато во заштитната ограда. Трагедијата во другото возило е специфична — лицето на задното седиште починало бидејќи било погодено од метална шипка која се превезувала во автомобилот, а која му пресекла главна артерија,“ објаснува Михаилова.
Последиците од судирот за Ива се катастрофални. Со скршени пршлени Л4 и Л5, таа денес се соочува со делумна параплегија и тетраплегија. Левата нога и е веќе парализирана, а болките и притисокот врз нервите се секојдневие.
Иако има здравствено осигурување во Бугарија, каде живее и работи веќе 15 години, македонските власти не и дозволуваат да ја премине границата.
И покрај тоа што одбраната понудила имотна гаранција и ветување дека Ива ќе се појави на секое судење, македонскиот и бугарскиот пасош остануваат во рацете на институциите. Михаилова обвинува за селективна правда и игнорирање на доказите.
„Сметам дека моите човекови права се сериозно нарушени. Не бегам од правдата, само барам право на лекување за да не останам доживотно во количка,“ порачува таа.
Додека институциите ги мерат правните процедури, времето за Ива истекува. Секое одложување на операцијата значи чекор поблиску до траен инвалидитет, отворајќи го прашањето: Дали презумпцијата на невиност и правото на здравје важат подеднакво за сите граѓани?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

