27 април 2026
• од Темелко Тошев
Токму тогаш кога се колнеме во патриотизам, да го имаме ова на ум: во овој миг многу млади луѓе ги пакуваат куферите и не се вртат назад. Партиите задоволно им мавтаат додека авионот полетува, сигурни дека паразити има на секој чекор и дека ова Потемкиново село ќе трае вечно – изградено од кули од карти, лепено и прелепувано, како сигурен знак дека било урнатина уште од самиот почеток.
Пишува: Билјана Секуловска
Ако го напишете името Албион Реџепи на „Гугл“ на кирилица, нема да излезе ништо. Првата вест е за Тетово – дека за еден месец полицијата изрекла шест казни. Потоа следат вести за македонската и косовската фудбалска репрезентација, за некоја Албанка од Македонија која е џудистка, и така натаму. Ништо за Албион Реџепи.
Сега напишете го неговото име со латинично писмо. Излегуваат вести на англиски јазик. Албион Реџепи, Албанец од Македонија, бил дел од инженерскиот тим на мисијата на НАСА, Artemis II, која го враќа човекот на Месечината.
За Албион Реџепи првпат слушнав од мојот колега Назим Рашиди, кој со гордост ме праша: „Знаеш ли дека еден Албанец од Гостивар ни ја даде Месечината?“
Мислев дека се шегува; ние новинарите барем ги знаеме најважните вести први, а на крајот и ги паметиме. Особено ваква вест – човек од Македонија да пишува историја на човештвото. Рашиди беше горд на Албион Реџепи, исто колку што беше и разочаран. Затоа што не само што немаше прочитано ништо за гордоста што оваа држава ја има во Реџепи, туку не го ни видел неговото име во македонските медиуми. Ниту една буква за овој успех, ниту збор за значењето на освојувањето на Месечината – овој пат за да се заобиколи, следниот пат за да се насели.
Не е дека не смееме да се информираме за нашите големи Албанци, не е дека се мразиме. Вистината е тажна – ние едноставно не знаеме што ни се случува во државата, затоа што сме поделени, затоа што живееме во мрак. Не го зборуваме албанскиот јазик, не можеме да ги читаме албанските медиуми, не комуницираме, не се познаваме, колку и да мислиме дека се почитуваме.
Претпоставувам дека делумно ова важи и за Албанците, за албанските новинари, не знам. Но, со еден исклучително голем „детал“ – тие го зборуваат македонскиот јазик, ги читаат македонските медиуми, светот им е појасен и токму поради тоа уште поцрн во оваа земја. Поцрн, бидејќи знаат многу повеќе од нас Македонците. Посветол, бидејќи имаат предност во тоа знаење.
Албион Реџепи за албанските медиуми во Македонија вели дека студирал тука и има порака: со образование, труд и работа, може да се постигне сè.
Сепак, да признаеме – и тие и ние, и ние и тие, сите сме длабоко закопани во партиски вработувања, партиски успеси и „подвизи“. Тоа е нашиот заеднички именител, каде партиската книшка ни го гарантира животот во оваа земја. Колку и да го замислуваме тој живот како удобен и лесен, тој е паразитски, бескорисен и неважен.
Тоа е оној момент кога не се појавуваме на државна работа, но сепак земаме плата и сме суверени во сопственото уривање. Затоа што, кога ги носиш сите во бездна, на крајот и тие те повлекуваат со себе.
Албион Реџепи ја има само својата лична книга; таму ги запишува своите победи, но и некои порази – сигурно ги има и нив, особено кога се живеат соништата. Но, тие порази се должат на други околности, не им се припишуваат на партиски победи.
Кога би ги прашале овие и сите претходни власти, сигурно ќе ви кажат дека сакаат оваа земја да ја градат луѓе како Албион Реџепи. Но, празните зборови ги голта семоќната партија, тогаш кога таа станува гаранција за победа, што всушност значи потпис за пораз.
Животот така поминува за сите нас, освен за Албион Реџепи и за многуте умни луѓе кои се родиле во Македонија и веднаш посакале да побегнат од неа.
Токму тогаш кога се колнеме во патриотизам, ле го имаме ова на ум: дека во овој миг многу млади луѓе ги пакуваат куферите и не се вртат назад. Партиите задоволно им мавтаат додека авионот полетува, сигурни дека паразити има на секој чекор, дека ова Потемкиново село ќе трае вечно – изградено од кули од карти, лепено и прелепувано, како сигурен знак дека било урнатина уште од почетокот.
Збогум, Албион Реџепи, збогум на сите млади луѓе – не враќајте се, бидејќи нема иднина ниту за нас, а најмалку за вас. Никогаш за такви како вас.
Петер Маѓар в среда во Брисел на итни разговори за одмрзнување милијарди евра од ЕУ
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

