08 август 2026
• од Темелко Тошев
Опозициската партија обвинува дека свесната политика на изолација и неисполнетите ветувања на премиерот Мицкоски ја држат државата во место, додека другите земји забрзано напредуваат кон Унијата.
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска упати жестоки критики кон владејачката гарнитура, обвинувајќи ја за застој на евроинтегративниот пат на земјата. Во најновото партиско соопштение, од СДСМ предупредуваат дека Македонија се претвора во „слепо црево на Балканот“, додека останатите земји од регионот и Европа бележат сериозен напредок.
„Црна Гора веќе ги затвора поглавјата и цели кон членство во 2028 година, а во пакет со неа би можел да влезе и Исланд. Албанија, Молдавија и Украина забрзано напредуваат. Само Македонија стои во место“, порачуваат од СДСМ.
Партијата директно го прозва премиерот Христијан Мицкоски за неисполнување на дадените ветувања, посочувајќи дека рокот за исполнување на Реформската агенда, кој беше најавен за 1 јуни, е веќе поминат, а реформите „повеќе не се ни спомнуваат“.
„Таен план под радар“ и барање за признание
СДСМ ја повика власта да ѝ објасни на јавноста што точно се случува во однос на преговорите и францускиот предлог, осврнувајќи се на изјавите на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, за постоење на некаков „таен план под радар“.
„Додека другите земји затвораат поглавја и преговараат за датуми, кај нас сè уште се чека Мицкоски да се врати од екскурзијата во Брисел и да ни соопшти што договорил. Само уште тој да признае. Проблемот е како тоа да им го каже на своите гласачи откако не исполни ништо“, велат од СДСМ.
Според опозицијата, владејачката партија веќе ги признала придобивките од политиките на СДСМ, вклучувајќи ги членството во НАТО и Преспанскиот договор, за кој велат дека власта сега го смета за дипломатско ремек-дело. Од таму го повикаа Мицкоски да признае дека „лажел за името и гаранциите“, но барем да преземе чекори за да обезбеди подобра иднина за граѓаните.
Страв од европското обвинителство
Во своето соопштение, СДСМ оди чекор понатаму, тврдејќи дека застојот на европскиот пат не е случајност, туку „резултат на свесна политика на изолација“.
„Стравот од европското јавно обвинителство е голем. Ова е политика која ја штити криминалната група на власт, а граѓаните ги остава без перспектива. Европа се движи напред, а Мицкоски и ВМРО нè држат назад. До кога?“, прашуваат од СДСМ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

