14 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Финансиската писменост кај учениците од основното образование во земјава е на загрижувачки ниско ниво, покажуваат резултатите од анализата спроведена од Бирото за развој на образованието. Истражувањето, во кое биле опфатени 3.614 ученици од четврто, седмо и деветто одделение од повеќе региони, открива дека само 35% од учениците поседуваат финансиска писменост.
Иако учениците покажуваат основни познавања за пари и штедење, тие се соочуваат со сериозни тешкотии кога треба да решаваат посложени финансиски задачи или да донесуваат одлуки поврзани со управување со средства. Ова укажува на сериозен недостаток во образовниот систем кога станува збор за практичното финансиско образование.
Поради овие слаби резултати, министерката за образование и наука Весна Јаневска најави воведување на нови програми кои треба да помогнат во подобрување на финансиската писменост кај учениците. Според неа, младите треба да стекнат вештини за штедење, инвестирање, проценка на ризик и управување со личните финансии.
„Треба да научат да штедат, да вложуваат, да проценуваат ризик, да знаат на кој начин треба да менаџираат со сопствените средства. Тоа претставува еден сериозен чекор како да го применат знаењето во пракса“, изјави министерката Јаневска.
Во истражувањето биле вклучени и 2.304 родители и 1.201 наставници. Иако 93% од родителите изјавиле дека разговараат со своите деца за пари, резултатите покажуваат дека тоа очигледно не е доволно за да се развијат вистински финансиски навики. Од друга страна, дури 97% од наставниците сметаат дека финансиската писменост е важна тема која треба многу повеќе да се обработува во училиштата.
Директорката на Бирото за развој на образованието, Милка Тримчевска, истакна дека учениците моментално имаат само базично ниво на финансиско знаење, што ја наметнува потребата од сериозни образовни реформи во оваа област.
„Нашите ученици имаат базично ниво на познавање на финансиска писменост и токму од тие причини се работеше на финансиска анализа. Извештајот ни дава податок во кој правец треба да се движиме, односно подобрување на знаењето на учениците за да може да носат финансиски одлуки“, изјави Тримчевска.
Резултатите од анализата јасно покажуваат дека финансиското образование мора да започне уште од најрана возраст. Без поголема едукација во училиштата и активна улога на родителите, младите генерации ќе продолжат да се соочуваат со сериозни проблеми во управувањето со личните финансии.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

