02 јули 2026
• од Темелко Тошев
Вишото јавно обвинителство во Штип ја потврди одлуката на Основното јавно обвинителство – родителите на малолетниците кои брутално претепаа 12-годишно девојче нема да сносат кривична одговорност. Адвокатката Маја Ристова остро реагира на ваквото решение, прашувајќи каква порака му се испраќа на општеството во екот на секојдневните случаи на врсничко насилство.
Адвокатката Маја Ристова, која го следи овој случај, информираше дека добила решение од Вишото јавно обвинителство (ВЈО) во Штип со кое дефинитивно се потврдува одлуката на Основното јавно обвинителство (ОЈО). Според ова решение, не постои основ за кривична одговорност на родителите на малолетните насилници.
Како што посочува Ристова, во официјалниот документ се наведува дека родителите не можат да одговараат за кривичното дело „Запуштање и малтретирање на дете“, со образложение дека тие едноставно не биле свесни за постапките и дејствијата на своите деца.
Ристова преку социјалните мрежи упати остри критики кон институциите, изразувајќи револт од неказнивоста на родителите. Таа потсетува дека насилството не било изолиран инцидент, туку континуирано физичко и психичко малтретирање кое траело цели три месеци.
„Еве да видите дека не зборувам на памет кога пишувам дека државата нема да мрдне со мал прст за врсничките насилства, додека не ни се случи Рибникар. Само што примив Решение од Вишото јавно обвинителство во Штип во кое се вели дека Основното јавно обвинителство правилно утврдило дека родителите на децата што крвнички тепаа друго дете не се одговорни, затоа што не биле свесни за дејствијата што ги преземале нивните деца,“ напиша Ристова.
Според обвинителството, овој тримесечен период на насилство не бил доволен за да се утврди континуирано и сериозно занемарување на родителските должности. Дополнително, Ристова реагира на ставот на обвинителството дека „фактот што детето самостојно преземало противправно дејствие не може да се квалификува како запуштање или малтретирање“.
Ослободувањето на родителите од вина отвора сериозни прашања за правната рамка и справувањето со малолетничката деликвенција.
„Каква порака се испраќа со ова? Ако овде нема одговорност, каде имаше и признанија и видеоснимки, што со останатите случаи на врсничко насилство?,“ јавно прашува адвокатката.
Да потсетиме, случајот со врсничкото насилство во Штип ја згрози македонската јавност откако на социјалните мрежи беа објавени вознемирувачки видеоснимки. На нив јасно се гледаше како група малолетници физички и психички малтретираат 12-годишно девојче.
Против малолетниците кои директно учествувале во нападите и кои го снимале насилството веќе се води соодветна постапка пред надлежните органи. Сепак, со најновата одлука на Вишото јавно обвинителство, барањето за проширување на одговорноста и кон нивните родители останува конечно отфрлено.
Му дал 91.000 денари за реновирање на бањата, останал и без мајстор и без пари
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

