23 април 2026
• од Темелко Тошев
Додека црната статистика на насилство во Македонија секојдневно се полни, државниот систем за заштита и поддршка на жртвите е во состојба на клиничка смрт. Ова го истакна пратеничката од редовите на Левица, Јована Мојсоска, на седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
Мојсоска се осврна на годишниот извештај за работата на Комисијата за паричен надоместок за жртви од кривично дело со насилство за 2024 година. Податоците кои ги содржи овој документ се поразителни – наместо функционален систем, тој открива целосен институционален колапс.
„Она што го покажува извештајот за 2024-та година е тоа што не е исплатен ниту еден паричен надоместок за жртви од кривично дело со насилство. Може да се констатира дека кај нас жртвите се оставени сами да се снаоѓаат поради незаинтересираност на властите“, изјави Мојсоска.
Пратеничката направи остра споредба на буџетските средства, илустрирајќи ги искривените приоритети на власта преку конкретни бројки. Имено, Комисијата која функционира при Министерството за правда располага со буџет од едвај 20.000 евра за цела година.
За да се разбере колку е оваа сума потценувачка за достоинството на граѓаните, Мојсоска го посочи примерот со градското одржување:
„Во превод, оваа држава повеќе се ГРИЖИ за фонтаните отколку за жртвите од насилство“, децидна е Мојсоска.
Според Левица, ваквиот однос на институциите покажува дека државата, наместо да биде заштитник на најранливите, станува пасивен набљудувач на нивните трагедии. Неисплаќањето на ниту еден денар надоместок во текот на целата измината година е доказ дека законските решенија постојат само на хартија, додека во реалноста жртвите се соочуваат со дополнителна виктимизација од страна на самиот систем.
Останува отворено прашањето: до кога јавните средства ќе се трошат на козметика и тендери, додека граѓаните кои претрпеле најтешки форми на насилство се оставени без основна државна поддршка?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

